Македонската полиција повоторно ќе биде гордост на секој граѓанин и повторно ќе биде чест да се биде полицаец, порача денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на презентацијата на резултатите од работата на Министерството за внатрешни работи за изминатата година што се одржа под слоганот „Доследност во делото визија за напредок“.
На презентацијата меѓу другите присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој нагласи дека никој не треба и не смее да биде над законот и Уставот.
Поминаа времињата како до сега, треба да се бориме против сите корумпирани елементи во општеството и ќе се бориме. Можеби правдата е спора, но секој кој што мисли дека ја изиграл се лаже, на крај таа секогаш доаѓа и секогаш победува, изјави Мицкоски по презентацијата.
Ги охрабри припадниците на МВР дека, како што рече, никому никој ништо не должи освен на македонските граѓани и на државата.
Ако некој мисли дека некому е должен и треба да биде привилегиран и да има одредени отстапки се лаже. Правдата е спора, но секогаш на крај победува. Мораме да покажеме и докажеме дека криминалот е неисплатлив и сите оние што мислат дека со криминал можат да направат нешто се лажат и истите ќе бидат одговорни пред законот и Уставот, подвлече премиерот.
Министерот Тошковски во презентацијата на сработеното потсети на затекнатата состојба со издавањето лични документи.
Начекавме хаос. Ситуацијата беше на работ на колапс, но со натчовечко залагање на сите вклучлени успеавме да воведеме ред во издавањето личните документи. Никогаш повеќе македонскиот граѓанин нема да биде понижуван со бескрајни редици и изгубени часови. Воведовме одржливи решенија преку дигитализација и автоматизација на процесите, истакна Тошковски.
Според него, дигиталната апликација за добивање дозволи за оружје е реалност. Спроведена била и темелна истрага за злоупотребите од минатото за издавање дозволи за оружје, а против десетици вработени во МВР поднесени соодветни кривични пријави.
Тој вети дека секоја услуга за граѓаните ќе биде подостапна, поефикасна и по транспарентна, а во насока на тоа го спомена целосно автоматизираното издавање на електронско државјанство.
За проектот „Безбеден град“, нагласи дека не е само техничко решение, туку е и визија за безбедна Македонија, за што се менува и законската регулатива.
Креираме системско решение, кое ќе ги анализира двете клучни компоненти, а тоа се подобрување на криминалистичките истраги и сообраќајната безбедност. Очекуваме во иднина „Безбеден град“ не само да ја подобри безбедноста, туку и да ја промени културата на сообраќај и да го намали бројот на жртви, а во наредните години да прерасне во безбедна држава, рече Тошковски.
Полицијата, нагласи, е ослободена од стегите на минатото и за што подвлече дека има видливи резултати, споменувајќи повеќе реализирани акции меѓу кои фаќањето на убиецот кај Мавровка за само два часа, акциите во стумичко Ново Село за корумпирани полицајци и службеници од Царина, во РЕК Битола, разбивањето на терористичката ќелија во Струга и Гостивар, акцијата за трговија со луѓе во Тетово и Гостивар, расчистување со корумпирани судија и јавен обвинител…
Законот стига до секого, а ќе стигне и до оние кои мислат дека можат да се сокријат. Борбата со корупцијата продолжува со несмалено темпо. Вложуваме во луѓето и инфраструктурата, реновираме клучни објекти, како Центарот за обука во Идризово, изградба на неколку нови полициски станици, постепено го модернизираме возниот парк со нови возила…, рече Тошковски.
Покрај промоцијата на дел од реализираните проекти во коно салата Кино „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода, во дворот на објектот беа презентирани и реквизити што ги користи полицијата, елеци, палки, дронови…