
Вистинската сила на полициската професија се гледа во најтешките моменти, истакна министетот за внатрешни работи Панче Тошковски.
По вчерашниот настан во Тетово, каде полициски службеници спречија трагедија и спасија млад живот, денеска лично го примив колегата Беким Исмани, кој со исклучителна храброст и присебност ја спречи девојката да скокне и си го одземе животот и притоа беше повреден со нож кој таа го држела во раката, посочи Тошковски.
Министерот појасни дека станува збор за млада девојка, жртва на тешка животна ситуација и психолошка криза. Благодарение на навремената и решителна интервенција на нашите полициски службеници од СВР Тетово, таа денеска е жива и надвор од опасност.
„Ова не е само службено постапување, ова е чин на пожртвуваност, хуманост и длабока посветеност на мисијата да се заштити секој човечки живот. Во рамки на законските можности, ќе го наградам колегата Беким Исмани како признание за неговата храброст, професионализам и несебично постапување“, рече Тошковски.