Skip to main content

Темелко: Присуството на премиерот ни даде јасен сигнал дека Македонците во Албанија не се заборавени

Facebook/Edmond Temelko

Претседателот на друштвото „Преспа” и поранешен градоначалник на Општина Пустец, Едмонд Темелко, во реакцијата по синоќешниот фолклорен фестивал „Преспа” оценува дека „присуството на македонскиот премиер Христијан Мицкоски е јасен сигнал дека Македонците во Албанија не се заборавени”.

-Присуството на премиерот Христајан Мицкоски ни даде јасен сигнал – Македонците во Албанија не се заборавени. Им благодарам на сите учесници, гости и поддржувачи – ова беше празник што ќе се памети!“, напиша Темелко во објава на Фејсбук.

Горд сум, додава, што во соработка со Општина Пустец го организиравме Македонскиот фолклорен фестивал „Преспа”, кој оваа година го собра најдоброто од нашата култура, традиција и љубов кон Македонија.

Реагираше и познатиот македонски активист Панди Јани, кој на Фејсбук напиша „Македонскиот фестивал во Пустец – ден за историја, гордост и единство”.

„Во срцето на општина Пустец, Република Албанија, се одржа македонскиот фестивал што уште еднаш ја потврди живата македонска традиција надвор од границите на татковината. Со песна, оро и гордо развиорени македонски знамиња, испративме јасна порака: Македонскиот идентитет живее и ќе живее – во Албанија, Грција, Бугарија и ширум светот“, стои во објавата.

Посебна чест и гордост, посочува се тој, беше присуството на премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, кој пред сите Македонци од Пустец упати силна порака на поддршка и љубов.

-Неговото присуство е доказ дека не сме заборавени – туку сме ценети и почитувани. Ова не беше само културен настан – ова беше доказ дека Македонецот знае од каде доаѓа, што носи во срцето и колку вреди неговата песна, игра и збор. Секоја насмевка, секое оро, секој аплауз – беше љубов кон Македонија, констатира Панди Јани.

По неколкугодишна пауза македонскиот фолклорен фестивал „Преспа” синоќа се одржа на плоштадот „Гоце Делчев” во Пустец, кој како што вети градоначалникот Пали Колефски, ќе биде традиционален.

Освен премиерот Мицковски присуствуваа и министрите за внатрешни работи, Панче Тошковски и за култура, Зоран Љутков, вршителот на должноста македонски амбасадор во Тирана, Љуфтим Спахиу, градоначалниците на Ресен и Охрид, како и Васил Стерјовски, претседателот на МАЕИ.

Освен присуството на фестивалот тие ја посетија и црквата „Архангел и Михаил”, каде имаа срдечна средба со отец Алексо Темелко.

Поврзани вести