Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска оствари средба со амбасадорот на Унгарија, н.е. Андраш Клеин на која се дискутираше за досегашната образовна соработка помеѓу двете држави и можностите за развивање на нови иницијативи во периодот што следи, соопштија од Министерството за образование и наука.
На средбата, Јаневска рече дека за Македонија соработката со земји од Европската Унија е исклучително важна, бидејќи позитивните европски практики се интегрираат во националниот образовен систем и тоа го забрзува напредокот на државата.
Изрази задоволство што унгарската страна преку програмата Стипендиум Хунгарикум подолго време обезбедува финансиска поддршка за стипендирање на македонски студенти запишани на додипломски, магистерски и докторски студии на тамошните државни универзитети.
Амбасадорот Клеин информираше подетално за агендата на претстојниот Самит на Земјите од Западен Балкан за култура, образование и иновации, кој на 3 и 4 февруари во Будимпешта го организира унгарското Министерство за култура и иновации, а на кој ќе учествува и министерката Јаневска.