
Со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани, пратениците на денешната седница во Собранието го избраа Гоце Наумовски за нов уставен судија.
По гласањето, Наумовски даде свечена изјава пред пратениците, со која се обврза дека функцијата ќе ја извршува совесно и одговорно и дека ќе ги почитува Уставот и законите.
Изборот следува откако во декември минатата година уставната судијка Јадранка Дабовиќ-Анастасовска поднесе оставка од функцијата поради здравствени и лични причини.
Гоце Наумовски е редовен професор на Катедрата по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој за уставен судија беше предложен од претседателот на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, а Комисијата со мнозинство гласови го утврди како кандидат.
Со изборот на Наумовски се пополнува испразнетото место во Уставниот суд, кој продолжува со работа во утврдениот состав.

Македонски



