Skip to main content

Служба за лични документи отворена во полициската станица Жеровјане за граѓани од Брвеница и Боговиње

Во полициското одделение Жеровјане во Општина Брвеница од денеска почна да работи нова канцеларија на Управните служби на Министерството за внатрешни работи (МВР) каде граѓаните ќе може да поднесат барања и да добијат лични документи – лична карта, возачка дозвола и пасош.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека на овој начин се доближува МВР и услугите до граѓаните кои живеат во рамки на Општина Брвеница и Општина Боговиње.

Говориме за приближно негде, околу четириесетина илјади граѓани коишто ќе можат сите оние потреби како што се вадење на лична карта, пасош, возачка дозвола и сите останати услуги коишто ги нуди министерството за внатрешни работи да си ги остварат многу поблиску до своите домови, рече Тошковски.

Ова е шеста полициска станица или полициско одделение во коешто се овозможува ваков тип на услуги.

Продолжуваме да го работиме она коешто сме го ветиле на нашите граѓани пред изборите, а тоа е доближување на услугите на министерството за внатрешни работи до секој еден македонски граѓани. Почнавме со Јегуновце, продолживме со Липково понатаму Сарај и Демир Хисар, Желино еве сега и овде во рамки на Општина Брвеница и Општина Боговиње. Продолжуваме со доближување на нашите услуги, до граѓаните ќе продолжиме и понатаму нема да застанеме овде, рече министерот.

Тошковски образложи дека голема е потребата во руралните општини да постојат вакви служби со цел граѓаните да имаат поквалитетен живот, а со тоа воедно превентивно да се делува во намалување на миграцијата.

Се надевам дека на секој македонски граѓанин во иднина би му овозможиле што е можно поблиску, што е можно едноставно да си ги остварува сите оние услуги коишто ги нуди Министерството за внатрешни работи и сето она во насока на подобрување на условите за живот, особено да речеме вака во поруралните делови каде што сакаме да ги задржиме нашите граѓани да си живеат на родното место, истакна Тошковски. 

Поврзани вести