Skip to main content

Скопјанката Светлана Мојсов, професорка на Универзитетот Рокфелер во САД, е лауреат на Светската награда на хуманизмот за 2025 година

Академија на хуманизмот

Светлана Мојсов, професор на Универзитетот Рокфелер во САД, е годинешниот дубитник на Светската награда на хуманизмот, со која Охридската академија на хуманизмот го слави името на Свети Климент на сите светски меридијани.

Мојсов наградата ја добива за нејзиниот придонес во современата медицинска наука, особено за нејзините структурални биохемиски откритија и ендокринолошки достигнувања во развивањето на ефективни лекарства за справување со дијабетесот и дебелината, како и за ублажување на асоцијативни форми на патологии.

Светлана Мојсов, инаку родена скопјанка, е деветнаесетти добитник по ред на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда,Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.

Во писмото по повод наградата испратено до претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш, лауреатката изразува огромно задоволство што е лауреат на тоа престижно признание,

За мене претставува голема чест што сум добитник на наградата на Охридската академија на хуманизмот. За мене оваа награда има и емотивен контекст, имајќи го предвид моето македонско потекло, а воедно што ќе се приклучам кон меѓународната плејада истакнати добитници од минатото, кои создадоа од оваа награда признание со кое се гледа со огромен респект насекаде во светот“, пишува таа.

Свечената церемонија на доделувањето на наградата ќе се одржи на 9 август, на празникот „Св. Климент Летен“, во 12 часот во Куќата на Уранија на МАНУ.

Истиот ден ќе биде посетена и локацијата каде што ќе биде поставено спомен-обележјето на светскиот хуманизам, на уметниците Светлин Русев од Бугарија и нашиот Жарко Башески.

Со тоа спомен обележје, на кое ќе бидат впишани имињата на сите досегашни добитници на Светската награда на хуманизмот, ќе се изврши и прогласување на древниот Охрид и неговата милениумска историја во европската меморија за Центар на светскиот хуманизам.

Наградата на добитникот Светлана Мојсов ќе и ја врачи Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

Настанот се организира во поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија и Општина Охрид.

Поврзани вести