
Претседателката на здружението „ВМРО ДПМНЕ Албанија“, Елена Симонофски, во рамки на зацртаните програмски активности денеска попладне оствари средба со Ема Попивода, директорка на македонскиот културно – информативен центар (КИЦ) во Тирана.
-Средбата мина во отворен и конструктивен разговор за бројни прашања поврзани со културниот и општествениот живот на македонската заедница во Албанија, за нашите предизвици, но и за можностите за зајакнување на соработката и афирмирање на нашиот идентитет, информираше Симонофски.
Додаде дека на средбата разговарале за важноста од зачувување и промоција на македонскиот јазик, културата и традицијата, како и за потребата од организирање повеќе културни, уметнички и општествени активности.
-Преку вакви активности со гордост ќе го промовираме македонскиот дух, нашите вредности и нашето богато културно наследство, а ваквите средби се доказ дека кога постои искрена волја за дијалог и соработка, можеме да создадеме нови иницијативи и конкретни чекори во интерес на нашата заедница, посочи Симонофски.
Таа, како што кажа, изразила посебно задоволство за многу плодна средба со директорката Попивода, заблагодарувајќи се за одвоеното време, идеите и посветеноста.

Македонски

