Skip to main content

Сиљановска-Давкова прими претставници на Фондацијата Херитиџ и Меѓународниот републикански институт – ИРИ

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова ги примила Џејмс Карафано, виш советник на претседателот на Фондацијата „Херитиџ“ и водечки експерт за национална безбедност и надворешна политика, и Пол МекКарти, регионален директор за Европа на Меѓународниот републикански институт – ИРИ.

Тие ја запознале претседателката со иницијативата „Три мориња“, во која членуваат 13 земји, членки на ЕУ лоцирани меѓу Балтичкото, Црното и Јадранското Море: Австрија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, а од 2023 година и Грција.

Во фокусот на иницијативата се развојот на енергетската, транспортната и дигиталната инфраструктура на членките и зајакнувањето на оската север-југ во Источна Европа. Претседатeлката Сиљановска-Давкова смета дека приклучувањето на Западниот Балкан кон оваа иницијатива може да го продлабочи нејзиниот успех заради географската и политичка поврзаност на земјите од оската север-југ во Источна Европа. Според неа, посетата на двајцата американски претставници доаѓа во вистинско време заради компатибилноста меѓу целите и програмите на иницијативата со Европскиот план за раст и Реформската агенда за развој, соопшти Кабинетот на Сиљановска-Давкова.

Со оглед на тоа што најголемиот дел членки на иницијативата истовремено се членки на НАТО и ЕУ, претседателката истакнала дека нашето приклучување кон иницијативата „Три мориња” ќе отвори можност за интензивирање на меѓусебната соработка и забрзување на евроинтеграциските процеси.

-Соговорниците изразија решеност за продлабочување на соработката со Фондацијата „Херитиџ“, како и со Меѓународниот републикански институт – ИРИ преку отворање канцеларија во нашата држава, се наведува во соопштението.

Поврзани вести