Skip to main content

Сиљановска-Давкова: Од податоците што ги добив цврсто сум убедена дека нема зошто да се грижиме во моментов

Фото: Принтскрин

Состојбата е стабилна и безбедна врз основа на податоците на агенциите за разузнавање и за национална безбедност, како и од податоците на министерствата за надворешни работи, за внатрешни и за одбрана со Генералштабот на Армијата, изјави вечерва претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова за медиумите по завршувањето на седницата на Советот за безбедност во претседателската Вила Водно, свикана поради влошената состојба на Блискиот Исток. 

-Ние не сме во моментов изложени на нестабилност, ниту има опасности по безбедноста внатре и во регионот. Систем на рано предупредување веќе псоти заради координацијата на сите надлежни органи и тој е многу важен и поврзан со постојано следење на воените состојби. Значи, институциите ја следат состојбата во рамките на надлежноста, ги анализираат состојбите, се координираат, информираат и затоа мислам дека оваа оценка на стабилност и на безбедност е релевантна и важна, истакна претседателката.

Посочи дека редовно се вршат проценки на ризиците и сите присутни на состанокот, кој во Вила Водно траеше повеќе од два часа, се обврзале дека тоа ќе продолжат да го прават.

-Се разбира ние сме во координација и со органите во регионот. Се уште НАТО немал седница која ќе биде посветена, меѓутоа Советот за безбедност заседаваше. Се разбира дека и регионалните информации ќе бидат споделени. Долга беше седницата заради темелноста на анализите и на информациите. Секогаш во вакви ситуации размислуваме за можното влијание не само на безбедноста туку и на економијата, на користењето на енергенсите итн.  Во тој поглед, исто така, надлежните информираа дека нема проблем, интерконекторот меѓу Грција и нас веќе е во функција. Законот предвидува да мора да има обезбедена нафта од 40 до 90 дена и тоа е исполнето. Значи, од она што го чув јас како претседателка можам да кажам дека имам цврсто уверување, не само институционално туку и документирано со податоци, дека нема зошто да се грижиме во моментов. Се разбира ќе ги следиме состојбите и соодветно ќе реагираме, изјави Сиљановска-Давкова. 

Како што рече, од надлежните добила информаци дека под заштита и под контрола е седиштето на Еврејската заедница и Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје, поради можните закани кон синагогите и други еврејски објекти низ светот на кои треба да им се посвети посебно внимание.

-И тоа се следи, и тоа е под заштита и контрола, што значи не може да очекуваме изненадување, додаде претседателката. 

Советот за безбедност беше во комплетен состав, цело време на седницата преку видеоврска учествувал и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски кој е во Соединетите Американски Држави и од него, рече Сиљановска-Давкова, ги добиле информациите за растечкиот број македонски државјани во регионот на Блискиот Исток . До нив е пратена пораката од Министерството за надворешни работи да се обратат до ДКП-ата и да се регистрираат за да бидат во предвид за евентуална евакуација. 

-Најважно е дека формираниот Кризен центар во рамките на Министерството за надворешни работи е во постојан контакт со сите граѓани. Се разбира дека луѓето се загрижени, причината е затвореното небо за прелети. Во некои држави, како на пример Катар, можноста беше со бродски превоз, меѓутоа и тој не функционира. Факт е дека се згрижени, дека се безбедни и дека се во постојан контакт со Министерството за надворешни работи коешто работи на тоа да најде најдобар начин најбрзо што е можно за да може оние кои сакаат да дојдат овде, рече претседателката Сиљановска-Давкова на прес-конференцијата по завршувањето на седницата на Советот за безбедност.

Поврзани вести