Skip to main content

Се спроведуваат реформи во јавната администрација, воведен нов систем за избор на високи раководители

МИА

Во изминатите две години се реализирани повеќе реформи во јавната администрација, насочени кон создавање професионални, ефикасни и одговорни институции, со цел граѓаните да добиваат поквалитетни услуги, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму посочуваат дека е донесен Законот за високи раководители, со кој за првпат се воспоставува единствен систем за избор на највисоките раководни позиции преку јавен оглас, јасно утврдени критериуми и избор врз основа на знаење, компетентност и професионално искуство. Според партијата, законот предвидува и механизми за следење на работата на раководителите и поголема одговорност за постигнатите резултати.

Во соопштението се наведува дека Академијата за јавна администрација ја има водечката улога во спроведувањето на обуките, а преку модернизацијата на Центарот за обука повеќе од 1.000 административни службеници веќе посетиле обуки и добиле пристап до современ електронски систем за учење.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека паралелно се унапредуваат системите за управување со човечките ресурси, се зголемува транспарентноста и се подобрува процесот на подготовка на законите преку пошироки јавни консултации.

Според партијата, овие промени треба да придонесат за администрација во која стручноста ќе биде во прв план, а институциите ќе работат поодговорно и поефикасно.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека реформите во јавната администрација ќе продолжат и во наредниот период, со цел изградба на модерна, професионална и ефикасна администрација.

Поврзани вести