![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/viber_image_2020-04-11_08-32-26-960x623-1.jpg)
Во план е Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје во регионален центар за болните од Скопје, Велес и Куманово соопшти денеска на прес-конференција директорот на Фондот за здравство (ФЗО) Сашо Клековски. Тој денеска пред новинарите го презентираше буџетот на фондот за 2025 година „План 2025“.
Клековски кажа дека Владата планира да ја стави на пауза идејата за изградба на нов клинички центар поради демографскиот пад на населението, од една страна, но и неискористените капацитети на ГОБ „8 Септември“ кои можат значително да го растеретат постојниот Клинички центар „Мајка Тереза“.
Нам демографијата ни паѓа, со текот на годините имаме сѐ помалку население, така што мораме да ги погледнеме и бројките на осигуреници и на пациенти. Второ, дел од капацитетите не се искористени како што треба. Од сите постоечки капацитети во Македонија, најблиску до стандарди за нешто повеќе, вклучувајќи и за универзитетска клиника, има ГОБ „8 Септември“, рече Клековски.
ГОБ „8 Септември“ има 150 квадратни метри со болнички кревети наспроти Старата Градска болница, сегашна „Свети Наум Охридски“ каде што има нешто повеќе од 30 квадратни метри. Клековски вели дека во извештаи на Светската здравствена организација (СЗО) се споменува дека е потребна реорганизација на здравството.
Морам да кажам дека во „8 Септември“ се изведуваат методи кои не се изведуваат на Клиника. Тука гледаме најмногу потенцијал, со најмало вложување да добиеме најдобар одговор. Освен Онкологијата, мислам дека ќе бидат најавени нови проекти, како на пример Нефрологија – рече Клековски додавајќи дека за оваа идеја се потребни законски измени.
Почетниот буџет на ФЗОза годинава е 53,4 милијарди, за 7 милијарди поголем од ланскиот. Со парите ќе може да се направи исчекор во здравствената заштита, додава директорот на ФЗО. Зголемени се буџетите за дијагностички лаборатории, целта на зголемување е да се подобри покриеност на лаборатории за да се скрати време на чекање за овие услуги.