
Ако некој сè уште се прашува каде е денес опозицијата, одговорот е едноставен: во редакција. Поточно – во уредништво.
Во последно време, лидерот на Социјалдемократски сојуз на Македонија, Венко Филипче, не настапува како класичен опозициски политичар, туку како нешто меѓу главен уредник, медиумски рецензент и чувар на насловната страна. Човекот не зборува за политики – тој ги лекторира и корегира.
Наместо „што нуди СДСМ“, добиваме „зошто вака сте ме насловиле“. Наместо алтернатива за власта – алтернатива за фонтот, интерпункцијата и интонацијата. Ако продолжи вака, следниот чекор логично би бил прес-конференција за тоа зошто запирката е на погрешно место, а прашалникот премногу агресивен.
Филипче, изгледа, откри нов политички жанр: опозиција преку наслов. Ако насловот е мек – демократија. Ако е тврд – сценарио. Ако е критички – октопод. Ако цитира ВМРО-ДПМНЕ – медиумски линч. Ако цитира поранешен сопартиец – петта колона. Ако не го спомнува воопшто – заговор со молк.
Во оваа логика, медиумите не известуваат – тие учествуваат. Новинарите не прашуваат – тие координираат. А насловите не се наслови – тие се оружје. Се добива впечаток дека во Македонија не постои уредничка политика, туку само централа што диктира што смеело да се објави, а што не. Само што таа централа, според Филипче, е секаде – освен во Бихаќка.
Најкомично е што целата оваа борба се води во име на слободата на говор. Политичар што држи прес за да објасни зошто новинарите не смееле вака да пишуваат, ни објаснува дека токму тоа е борба за демократија. Малку како пожарникар што гаси оган со бензин, ама убеден дека работи по европски стандарди.
И додека јавноста очекува опозицијата да се занимава со цени, плати, безбедност или институции, таа гледа како нејзиниот лидер ги пребројува насловите како да се маркички: овој е токсичен, овој е уште потоксичен, овој е дефинитивно од „медиумски октопод“. Уште малку и ќе добиеме табела со бодови – кој медиум колку пати бил „против“.
На крајот, останува едно едноставно прашање:
ако лидерот на опозицијата има толку време и енергија да се занимава со наслови, дали тоа значи дека со политиките сè е во ред? Или можеби насловите се проблем затоа што тие најгласно го кажуваат она што политиката тивко го избегнува?
Во секој случај, едно е јасно: додека власта владее, опозицијата уредува.
А демократијата… таа чека некој да напише добар наслов за неа.

Македонски




