Либерално демократската партија (ЛДП) денеска и утре во Скопје ќе биде домаќин на Регионалната либерална конференција „Кво Вадис Европа 2024? – Следни чекори во европската интеграција и проширувањето на ЕУ“.
Конференција е во организација на Либералната мрежа на Југоисточна Европа (LIBSEEN), со поддршка на АЛДЕ партијата, Европскиот либерален форум (ELF) и Европскиот парламент.
Како што информираат од ЛДП, целта на конференцијата е да се поттикне отворена дискусија за иднината на Европската Унија и улогата на Западен Балкан во процесот на проширување.
Настанот, како што посочуваат, ќе служи како платформа за размена на идеи и искуства меѓу либералните лидери, претставници од регионот и високи гости од Европската Унија, со цел заедно да ги идентификуваат следните чекори кон европската интеграција.
Главни говорници на конференцијата ќе бидат Моника Зајкова, претседателка на ЛДП и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи на Македонија.
Програма на конференцијата вклучува три панели „Може ли ЕУ да го интегрира целиот Балкан до 2030 година?“, „Обраќање на глобалните конкурентни наративи: Дали ЕУ сè уште е привлечна?“ и „Регион кој брзо се вооружува: Европска одбранбена перспектива“.
Конференцијата ќе обработи клучни прашања како што се глобалната геополитика, проширувањето и реформите во ЕУ, европската безбедност и одбраната.