
Министерството за образование и наука и Центарот за образование на возрасните (ЦОВ) денеска ја презентираа Стратегијата за образование на возрасните 2025-2030, која треба да овозможи поголема продуктивност на населението и развој на општеството.
Министерката Весна Јаневска истакна дека стратегијата се базира на концептот на доживотно учење што, рече, е многу важно за активирање на возрасното невработено население во државава и за стекнување вештини кои ги бара новото време и технолошкиот развој.
Но, секако, и за предизвикот на демографските процеси. За жал, населението ни старее, наталитетот е низок, и ние треба да преземеме мерки со кои ќе ја подобриме продуктивноста на населението. Статистиката вели, што е добро, дека на возраст од 25 до 64 години, 25 проценти од населението е вклучено во овој тип и други типови на образование, Но, секако, ќе се стремиме да го достигнеме европскиот од 47 проценти, изјави Јаневска.
Таа се заблагодари на ЦОВ и на Европската Унија за изработката на стратегијата која, рече, е исклучително значаен документ за да се спроведат реформи во образовниот систем кои ќе го подобрат образованието.
Пред извесно време донесовме и нов Закон за образование на возрасни во кој имаме два нови инструменти – едниот е валидација на програми, другиот е акредитација на институции и тој, исто така, треба значајно да придонесе во развитокот на вработливиот кадар, додаде министерката за образование и наука.
Појасни дека се работи за неформално и искуствено образование, што ќе го спроведува Центарот, што подразбира пократки и подолги обуки, дообука и реобука за невработени и луѓе од маргинализирани и социјални групи за да им се овозможи побрзо да се вклучат на пазарот на трудот преку програмите што ќе ги изготви Центарот за образование на возрасни и институциите што тој ќе ги акредитира.
Програмите ќе бидат креирани според анализа за потребите на пазарот на трудот, што е предвидено со стратегијата. Заинтересираните корисници ќе се информираат на конкурси што ги објавува ЦОВ.
В.д. директорот на Центарот за образование на возрасните, Садудин Садики, кој неодамна ја презел раководната функција, се заблагодари за поддршката од МОН, на вработените во Центарот, работната група, Советот во ЦОВ и на неговото претходно раководство кои помогнале за подготовка на стратегијата.