Skip to main content
Златко Перински, генерален директор на Фондот за здравствено осигурување

Правото на боледување не го скратуваме – ги осовременуваме критериумите и воведуваме повеќе олеснувања

Предложените измени на правилата за боледување отворија бројни дилеми и предизвикаа силни реакции во јавноста. Најголемо внимание привлече предлогот медицинските критериуми за продолжување на боледувањето да почнат да се применуваат по петтиот, наместо по седмиот ден, како и најавите за поефикасни контроли. Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Златко Перински, во интервјуто објаснува дека не се скратува правото на боледување и дека матичниот лекар и натаму ќе може да утврди привремена спреченост за работа до 15 дена. Тој говори и за причините за осовременување на критериумите, најавените контроли и олеснувањата за пациентите и лекарите, меѓу кои се помалку непотребни лабораториски испитувања, електронска постапка и поширок круг случаи во кои боледувањето ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот.

Предложените измени на правилата за боледување предизвикаа силни реакции во јавноста, а најмногу дилеми отвори предлогот за пет наместо седум дена. Господине Перински, што точно се менува и дали на кој било начин се ограничува правото на боледување?

ПЕРИНСКИ: Прво, не кратиме ниту еден ден боледување. Тоа е најважното нешто што граѓаните треба да го знаат.

Ниту денес боледувањето трае најмногу седум дена, ниту со измените ќе трае најмногу пет. Ако пациентот има медицинска потреба да биде на боледување 10, 20, 30 дена или подолго, ќе биде онолку колку што неговата здравствена состојба го бара.

Мислам дека токму од тоа треба да почнеме, затоа што во јавноста се создаде впечаток кој не ја отсликува суштината на предложените измени.

Правото на боледување не се скратува, а матичниот лекар и понатаму останува надлежен да ја утврдува привремената спреченост за работа до 15 дена. За период подолг од 15 дена, како и досега, одлучува лекарската комисија на Фондот.

Петте дена за кои најмногу се зборува не се максимално времетраење на боледувањето. Станува збор за периодот во кој избраниот лекар може да утврди боледување врз основа на медицинската проценка, без примена на дополнителните критериуми предвидени за конкретната дијагноза.

Ако по петтиот ден здравствената состојба на пациентот бара продолжување на боледувањето, матичниот лекар и понатаму може да го утврди до 15 дена, со потребната дијагностика или соодветна специјалистичка проценка согласно дијагнозата.

Притоа, дополнителна дијагностика не се бара автоматски за секој пациент и за секоја дијагноза. Кај дел од дијагнозите проценката останува кај матичниот лекар и нема обврска пациентот да се упатува ниту на лабораториски испитувања. Тоа е едно од конкретните олеснувања што ги носат предложените измени.

Затоа не би сакал целата реформа да ја сведеме на споредбата „седум или пет дена“. Клучната бројка е 15 – и тука нема промена.

фото: Влада

Зошто е избран токму петтиот ден како момент по кој почнуваат да се применуваат дополнителните медицински критериуми?

ПЕРИНСКИ: Човечкото тело не функционира по некаков календар. Двајца пациенти со иста дијагноза можат да имаат различен тек на болеста.

Затоа петтиот ден не го поставуваме како граница на болеста, туку како точка по која, ако боледувањето продолжува, порано почнуваме да ги применуваме медицинските критериуми.

Ако вашето дете е болно пет дена и шестиот ден не му е подобро, што правите? Проверувате зошто состојбата продолжува и дали е потребна дополнителна дијагностика или терапија.

Ако станува збор, на пример, за бронхитис, грип или друга инфекција што може да трае две или три недели, нека трае и три недели ако медицински е потребно. Никој не му го прекинува боледувањето на шестиот ден.

Тука постојано се мешаат две различни работи: колку трае болеста и од кој момент се применуваат критериумите.

Ниту Фондот ќе одредува колку дена трае бронхитисот, ниту Правилникот може да му нареди на човекот кога да оздрави. Лекарот ја проценува состојбата.

Ако пациентот е неспособен за работа, боледувањето продолжува. Единствената разлика е што порано се активира медицинската поткрепа предвидена за конкретната состојба.

Но и тука мора да бидеме прецизни – критериумите не значат дека секој пациент задолжително ќе мора да оди на дополнителни испитувања. Кај дел од дијагнозите тоа воопшто не се бара и матичниот лекар ќе може самостојно, врз основа на медицинската проценка, да постапи согласно предвидениот критериум.

Зошто Фондот пристапи кон промена на критериумите и што покажа практиката за да оцените дека постојниот систем треба да се осовремени?

ПЕРИНСКИ: Ова не е решение донесено преку ноќ, ниту е реакција на една моментална состојба. На материјалот се работеше во текот на цела година, во рамки на работна група составена од стручни лица од Фондот и Министерството за здравство.

Тргнавме од она што можеме да го направиме за да им олесниме на одредени групи пациенти, како и од она што го покажува практиката, вклучително и движењето на бројот на боледувања, особено краткотрајните, но и од едно многу едноставно прашање: дали критериумите според кои денес го организираме овој дел од системот го следат развојот на медицината и дијагностиката?

Значаен дел од нив потекнува од 2012 година. За повеќе од една деценија медицината, достапноста на дијагностиката и времето потребно за добивање резултати значително се променија. Анализи за кои порано се чекаше со денови, денес во многу случаи се достапни истиот ден, а дел од основните резултати се добиваат за многу кратко време.

Оттука произлегува и медицинската логика на предложените измени. Ако пациентот не покажува подобрување, не гледам зошто треба подолго да чекаме пред да го насочиме кон потребната дијагностика или специјалистички преглед.

Пораното дијагностицирање понекогаш може да значи и порано откривање на посериозна здравствена состојба. Нашата логика не е пациентот порано да го вратиме на работа. Логиката е, ако не се чувствува подобро, порано да утврдиме зошто не се чувствува подобро.

Токму затоа ова прашање треба да се гледа пред сѐ како медицинско, а не како административно.

Facebook/ Златко Перински

Дел од реакциите се дека со воведувањето дополнителни критериуми се доведува во прашање стручната проценка на матичните лекари. Како одговарате на овие забелешки?

ПЕРИНСКИ: Не се работи за доверба, и мислам дека тоа е погрешно поставена теза.

Матичниот лекар останува клучен во системот и ја прави медицинската проценка. Ова не е борба меѓу Фондот и матичните лекари.

Напротив, јасните критериуми го штитат и лекарот. Знаеме дека постојат ситуации кога пациент бара боледување и кога лекарот не гледа медицинска оправданост, а врз него се создава притисок.

Кога правилото е јасно, лекарот не треба да преговара со пациентот. Има критериум и тој важи за сите.

Значи, матичниот лекар и понатаму ја носи медицинската проценка. Со појасните критериуми му даваме посигурна основа за одлучување и поддршка да постапи според медицинската оправданост, без притисоци од пациентите.

Истовремено, со дел од предложените решенија дополнително ја поедноставуваме и работата на матичниот лекар. За одредени дијагнози нема да биде потребно пациентот да се упатува на лабораториски испитувања, а кај дел од дијагнозите е проширена и временската рамка во која матичниот лекар може да постапува согласно критериумите. Таму каде што медицински нема потреба од дополнителна постапка, не сакаме да создаваме администрација само заради администрација.

Во јавната дебата доминираа петте дена и најавените контроли, но тврдите дека измените предвидуваат и конкретни олеснувања. Кои се тие?

ПЕРИНСКИ: Токму овој дел, според мене, остана недоволно истакнат во јавноста. Предложените измени не носат само нови или попрецизни критериуми, туку и повеќе конкретни олеснувања и за осигурениците и за матичните лекари.

Првото олеснување е што за дел од дијагнозите проценката останува кај матичниот лекар, без обврска пациентот да се упатува на лабораториски испитувања. Значи, таму каде што медицински нема потреба, пациентот нема да се испраќа дополнително во лабораторија само за да се исполни формален услов. Тоа значи помалку непотребни упатувања и поедноставна постапка и за пациентот и за матичниот лекар.

Второто олеснување е што кај дел од дијагнозите се проширува временската рамка предвидена со критериумите. Значи, измените не одат само во насока на порано применување на определени критериуми. Таму каде што медицинската практика покажува дека е оправдано, се предвидува и подолг временски период.

Третото олеснување е дигитализацијата на постапката по 15. ден од боледувањето. Досега, кога било потребно осигуреникот да продолжи пред лекарска комисија, матичниот лекар требаше рачно да изготви предлог. Со предложените измени тоа ќе може да се прави електронски, преку електронски ПСР-образец – „Предлог за привремена спреченост за работа“. Со тоа се поедноставува постапката и се намалува административната работа на матичниот лекар.

Дополнително го прошируваме кругот на случаи во кои привремената спреченост за работа ќе може да се утврди без физичко присуство на осигуреникот. Тоа е особено важно за тешко болните, неподвижните и тешко подвижните лица кои не се на болничко лекување, за лицата кои се на болничко лекување, за придружници на болно дете до тригодишна возраст додека детето е во болница, како и за лица кои се лекуваат во странство или придружуваат болно лице на лекување во странство.

Ги прецизираме и случаите во кои боледувањето може оправдано да се утврди ретроактивно, меѓу другото по завршено болничко лекување и при определени форми на подолготрајно лекување во дневна болница.

Посебно олеснување има и за бремените жени и доилките. Радиодијагностички испитувања со јонизирачко зрачење нема да претставуваат задолжителен услов кога здравствената состојба е соодветно потврдена со специјалистички извештај.

Кај боледувањата подолги од 60 дена, каде што по правило е предвидено конзилијарно мислење, се утврдуваат исклучоци за определени тешки заболувања, меѓу кои малигни заболувања, цереброваскуларни инсулти со тешки последици, мултипла склероза, политраума и пациенти во терминална фаза на болеста.

Кога сите овие решенија ќе ги ставиме на едно место, станува јасно дека значаен дел од измените всушност значи олеснување и поедноставување на постапката.

Затоа не би сакал предложените измени да се сведат само на „пет наместо седум дена“ или само на контролата. Имаме две паралелни цели: критериумите да бидат медицински оправдани и контролата поефикасна, но истовремено да ги отстраниме непотребните административни чекори таму каде што тие не му носат ништо ниту на пациентот ниту на лекарот.

Особено бурни реакции предизвикаа најавите за контроли во домовите и можната соработка со Министерството за внатрешни работи. Дали пациентот кој е на боледување ќе мора постојано да биде дома?

ПЕРИНСКИ: Апсолутно не. Тоа би било и медицински нелогично.

Контролата мора да се врзува за конкретната здравствена состојба и за препораките што ги дал лекарот, а не за претпоставката дека секој пациент на боледување мора да биде затворен дома.

Ако лекарот препорачал пешачење, физикална терапија, рехабилитација или друга активност која е дел од лекувањето, сосема е јасно дека пациентот може и треба да ги следи тие препораки.

Контрола во домашни услови има логика кај оние дијагнози и состојби кај кои е препорачано мирување во домот. Но дури и тогаш, ако пациентот не биде затекнат, самото отсуство не треба автоматски да се третира како неправилност. Ќе постои постапка во која осигуреникот ќе може да го образложи отсуството – дали бил на лекарски преглед, во лабораторија, во аптека или имал друга оправдана причина.

Важно е да се знае и дека со усвојувањето на Правилникот нема автоматски да започне нов начин на контрола во домовите.

Доколку Правилникот биде усвоен, ќе следува подготовка и усогласување на Упатството за контрола, во кое многу прецизно треба да се дефинираат условите, постапката и начинот на вршење на контролата, при што заштитата на правата на осигурениците ќе биде еден од основните принципи.

Со Министерството за внатрешни работи се водат разговори за можностите за институционална соработка. Доколку се дојде до модел и до меморандум за соработка, ќе мора точно да биде определено кои податоци можат да се користат, во кои ситуации и за која цел, во рамките на законските надлежности и прописите за заштита на личните податоци.

Соработката со други институции не е новина за Фондот. И досега сме спроведувале заеднички контроли, на пример со Управата за јавни приходи. Но ефикасна контрола и заштита на правата на осигуреникот не се спротивставени цели. Добро поставен систем мора да ги обезбеди и двете.

Една од забелешките во јавноста е дека измените не биле доволно консултирани со засегнатите страни. Кој учествуваше во нивната подготовка и има ли простор за дополнителни предлози?

ПЕРИНСКИ: Сакам да бидам прецизен: ова не е материјал што Фондот го подготвувал изолирано и потоа едноставно го ставил пред Управниот одбор.

Работната група на предложените решенија работеше во текот на цела година, со претставници на Фондот и Министерството за здравство. За решенијата беа информирани релевантните професионални организации, меѓу кои Лекарската комора, Стоматолошката комора и Здружението на приватни лекари.

За системот на боледувања имавме и поширок институционален и стручен дијалог со претставници на лекарската фела, синдикатите, стопанските комори и други засегнати страни.

Но консултацијата за мене не значи дека во определен момент дијалогот завршува и повеќе никој не смее да има забелешка. Напротив. Ако некој има аргументиран предлог со кој решението може да стане подобро, појасно или поправично за осигурениците, наша обврска е да го слушнеме и да го разгледаме.

Ова е област во која се допираат интересите и одговорностите на пациентите, лекарите, работодавачите, лекарските комисии и Фондот. Затоа ни треба решение што не само што добро изгледа на хартија, туку може да функционира во реалниот здравствен систем.

Не гледам слабост во тоа да се слушне дополнителен аргумент. Напротив, сериозна институција треба да има доволно самодоверба да го направи тоа.

Управниот одбор не ги усвои измените на последната седница. Дали тоа значи дека Фондот се повлекува од предложените решенија по реакциите во јавноста?

ПЕРИНСКИ: Кај дел од членовите на Управниот одбор постоеше потреба од дополнително време за уште еднаш да ги разгледаат предложените измени и критериуми. Јас ја почитувам таа потреба.

Станува збор за материја која непосредно ги засега осигурениците и сосема е легитимно членовите на Управниот одбор да сакаат детално да ги разгледаат сите аспекти пред да се изјаснат.

За мене како генерален директор е поважно на крајот да добиеме добро разбрано, стручно аргументирано и применливо решение, отколку да брзаме за да кажеме дека нешто сме завршиле неколку дена порано.

Истовремено, дебатата што се отвори во јавноста ја гледам и како можност уште подобро да објасниме што навистина предлагаме. Очигледно е дека дел од нашите пораки не стигнале доволно јасно до граѓаните. И тоа е нешто од кое и институцијата треба да извлече поука.

Очекувам Управниот одбор веќе во вторник повторно да се состане и да ги разгледа предложените измени.

Нема причина да брзаме со решение што треба да трае, но нема ниту причина да се откажеме од осовременување на системот само затоа што темата предизвикала дебата. Нашата обврска е аргументите да ги ставиме на маса и да дојдеме до решение што е во интерес на осигурениците.

Синдикатите и дел од лекарите предупредуваат дека со измените ќе се усложни остварувањето на правото на боледување. Како одговарате на нивните аргументи?

ПЕРИНСКИ: Секоја конкретна стручна забелешка треба да се разгледа. Затоа и имаше консултации.

Но мораме прецизно да разговараме што се менува. Не се намалува бројот на денови на кои пациентот може да биде на боледување.

И не би било точно да се зборува само за нови обврски, а да се премолчат олеснувањата. Кај дел од дијагнозите пациентот нема да мора да оди ниту во лабораторија, кај дел се проширува временската рамка, а постапката за упатување пред лекарската комисија по 15. ден се дигитализира преку електронски ПСР-образец. Тоа се конкретни промени со кои постапката се поедноставува, а не се усложнува.

Ако некој смета дека за конкретна дијагноза бараме непотребна документација, тоа е аргумент – кажете која дијагноза, кој документ, која постапка и ќе го разгледаме.

Но општата теза дека „од седум дена правите пет дена боледување“ едноставно не ја опишува предложената промена.

Можеме да дебатираме за секој критериум. Но прво мора точно да кажеме што менуваме.

По реакциите и различните толкувања во јавноста, што би им порачале на осигурениците кои стравуваат дека со новите правила потешко ќе го остваруваат правото на боледување?

ПЕРИНСКИ: Пред сѐ, би им порачал дека нема потреба да стравуваат дека некој им го одзема или скратува правото на боледување.

Кога постои медицинска потреба, правото мора да биде заштитено. Тоа за мене не е предмет на дилема.

Матичниот лекар и понатаму останува надлежен до 15 дена. Ако здравствената состојба бара подолго отсуство од работа, постапката продолжува пред лекарската комисија. Тоа основно право не го менуваме.

Она што сакаме да го подобриме е начинот на кој системот го утврдува и го следи тоа право: критериумите да одговараат на современата медицина, пациентот навреме да стигне до потребната дијагностика, различните пациенти со иста здравствена состојба да имаат еднаков третман, а таму каде што административните барања се непотребни – да ги отстраниме.

Затоа, паралелно со осовременувањето на критериумите, воведуваме и конкретни олеснувања: помалку непотребни лабораториски испитувања кај дијагнозите кај кои тие не се медицински потребни, пошироки временски рамки кај определени дијагнози, користење на постојни важечки наоди и електронска постапка преку ПСР-образец кога предметот треба да продолжи пред лекарската комисија.

Истовремено, Фондот има одговорност кон сите осигуреници да обезбеди систем во кој средствата од здравственото осигурување се користат согласно нивната намена. Но контролата не смее да стане поважна од човекот за кого постои системот.

На болен човек не му треба дополнителна административна грижа. Му треба лекар, навремена дијагностика и сигурност дека правото што му припаѓа ќе може да го оствари.

Токму таков баланс сакаме да постигнеме со овие измени – да го заштитиме правото на оној кому боледувањето навистина му е потребно, да ја поедноставиме постапката каде што е можно и да создадеме правила што ќе бидат јасни и за пациентите и за лекарите.

На крајот, Фондот не постои поради правилниците. Правилниците постојат за да му служат на осигуреникот. И тоа е принципот од кој нема да отстапиме.

Поврзани вести