
Британското електронско дуо Autechre вечерва за првпат ќе настапи пред македонската публика на концертот што ќе се одржи во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, а покрај Sean Booth и Robert Brown, на програмата се и MDX, диџеј-проектот на Andy Maddocks, како и македонскиот музичар Александар Ордев.
Од „ROTK books&music“ најавуваат дека една од особеностите на настапите на Autechre е тоа што концертите се одвиваат во целосен мрак и според посебен безбедносен протокол, при што вниманието на публиката е насочено исклучиво кон звукот.
Autechre важат за едни од највлијателните имиња на современата експериментална електронска музика и се активни од почетокот на 1990-тите. Дуото, кое потекнува од областа Манчестер, зад себе има повеќе од три децении музичка кариера и низа изданија што оставија значително влијание врз развојот на електронската и IDM-сцената.
Настапот во Скопје е дел од актуелната концертна агенда на дуото за 2026 година, по нивната распродадена турнеја во 2025 година и серијата концерти низ Европа и Јапонија.

Македонски


