
Министрите за внатрешни работи и за спорт, Панче Тошковски и Борко Ристовски, потпишале Меморандум за соработка за поддршка за модерни спортски капацитети и можности за сите полициски службеници и кадети.
Денеска со министерот за спорт, Борко Ристовски потпишавме Меморандум за соработка помеѓу двете министерства во областа на физичките подготовки и спортски активности. Со овој Меморандум за соработка се утврдува рамката помеѓу страните потписници за работи од заеднички интерес базирани на искористување на стручно- научните, професионалните, материјално-техничките и просторните услови насочени кон унапредување на едукативните, истражувачките и апликативните активности преку кои ќе се реализира соработката за работи од заеднички интерес.
Со потпишување на овој меморандум ја подигнуваме нашата и досегашна одлична соработка на повисоко ниво со што директно ќе влијае врз работата на министерството и подготвеноста на полициските кадети и службеници. Спортот и физичката подготвеност е во директна поврзаност со успешното извршување на задачите на полициските службеници а со тоа и чување на безбедноста на граѓаните. Планираните проекти со министерството за спорт ќе значат унапредување на терените и можностите за квалитетни спортски активности на ниво на европските полиции со една цел, да имаме подготвена и спремна полиција која ќе биде вистински гарант на безбедноста на своите граѓани“, напиша на фејсбук министерот Панче Тошковски.