
Студентите ќе имаат апликација на мобилниот телефон, што ќе ја изработи Владата, со која ќе добијат 20 отсто попуст од вредноста на сумата за субвенциониран оброк за храната што ќе ја купат кај некој економски оператор. Но ќе имаат 20 отсто попуст и на тоа што ќе го купат со свои пари кај истиот оператор – продавница, пекарница, ресторан итн.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска појасни како ќе функционира новиот модел на студентски оброк, за кој таа, како и премиерот Христијан Мицкоски, посочи дека ќе им овозможи многу привилегии и поволности на студентите одошто досегашниот модел на ова субвенција.
Одговарајќи на новинарски прашања таа денеска рече дека претставниците на студентите на првата средба биле задоволни од новиот модел што им го нуди владата и дека веќе е формирана работна група што ќе работи на креирање на моделот односно на софтверското решение.
Владата ќе распише повик за да се пријават што е можно повеќе оператори за храна. Ќе бидат избрани тие што ќе ги исполнат условите, кои, рече, нема да бидат најстроги, „но ќе бидат задоволителни за да биде безбедно и квалитетно тоа што го нудат“.
Вчера имав средба со новиот претседател на релевантното студентско собрание на УКИМ и разговаравме на темата. Се договоривме – во овој момент ние ќе го исплаќаме редовно она што ни е законска обврска, 140 денари, а од нив ќе чекаме одговори. Студентите предложија уште еднаш да направат анкета, разговор, дискусија со поединечните студентски собранија на факултетите, да добијат од нив одговор дали го прифаќаат овој модел, потоа да ги сублимираат резултатите и да дојдат во Министерството да ни ги соопштат. Тоа ќе го почекаме. Во меѓувреме, јас ќе организирам уште една средба со сите претседатели на сите универзитети, студентски собранија, кои претходно веќе беа во тек со ова, за да видам какви се нивните одговори. Побарав тоа да биде написмено доставено до МОН за да немаме некакви разлики во иднина – изјави Јаневска по посетата на ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода.
Во однос на усогласувањето на дневниот износ на субвенционираниот оброк со стапката на инфлација, Јаневска рече дека според пресметката се работи за 156 денари, но и дека законот е недоречен.
Оттука, поради таа неусогласеност и двојното толкување на законот, во Министерството веќе се пристигнати три тужби до Управниот суд. Постапката е во тек. Како ќе одлучи Судот, ние така и ќе постапиме. Нема проблем за тоа – додаде Јаневска.
На новинарско прашање за реакцијата од ДУИ дека се дискриминирани ученици Албанци при распределбата на стипендиите за ученици и за талентирани поради тоа што мал број од нив добиле стипендија, Јаневска одговори дека апликациите се поднесени со шифри и оти не се добиваат поради етничката припадност туку со исполнети критериуми.
Мене ми е жал што ДУИ упорно промовира вакви тези и мислам дека е крајно време да се откажеме од овие тези. Учениците аплицираат со шифра во Министерството. Ние доделуваме стипендии според критериуми воспоставени од државата. За да добие еден ученик стипендија треба да ги исполни тие критериуми. Значи, ние не доделуваме стипендии по етникум. Тие што ги исполниле условите добиле стипендии. Секако, поради приговори ќе направиме уште еднаш ревизија. Но, камерите на „Безбеден град“ не може од ликот да го препознаат етникумот, така ни ние по шифра не препознаваме етникум – изјави Јаневска.(МИА)

Македонски




