
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, вчера беше во посета на преспанскиот регион. Како дел од владина делегација, предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, присуствуваше на отпочнувањето на градежните активности за изградба на потребната инфраструктура за пуштање во употреба на граничниот премин Маркова нога.
По овој настан, заедно со премиерот Мицкоски, ја посетија општина Ресен, како дел од теренските посети „Каде што срцето е дома“.
Заедно со градоначалникот Јован Тозиевски, означија почеток на реализација на градежни активности за реконструкција и поставување на примарна водоводна мрежа со куќни приклучоци на улицата „Наум Веслиевски“. Ова се два од шесте проекти кои ќе се реализираат во Ресен со средства од државниот буџет, одобрени на првиот јавен повик за финансиска поддршка на инфраструктурни општински проекти.

Министерот Перински истакна дека со реконструкцијата на улицата и зафатите за водоводните приклучоци, локалното население ќе добие пофункционални и посигурни водоснабдителни услуги, што е основна потреба за секој дом. Проектот, истакна Перински, не само што ќе ги реши техничките проблеми со водоводната мрежа, туку и ќе го подобри комфорот на граѓаните.
Градоначалникот Тозиевски информираше дека истовремено со општински средства во тек е реконструкција на улицата „Гоце Делчев”, а благодарение на финансиската поддршка од повикот „ЕУ за Преспа“ се реконструира и врши пренамена на објектот на старата пожарна во објект наменет за Младински културен центар и центар за културно наследство на Ресен и Преспа.
Министерот Перински најави дека Владата посветено продолжува со поддршка и инвестирање во сите општини и региони низ земјава.