Skip to main content

Перински во Ново Село и Василево: Инвестираме за еднакви можности за развој и во руралните средини

Општините Ново Село и Василево денеска беа домаќини на теренските посети „Каде што срцето е дома“, во чии рамки министерот за локална самоуправа, Златко Перински одржа средби со градоначалниците Ѓорѓе Божинов и Славе Андонов и разменија идеи и сугестии за напредок на локалните заедници, а разговараа и за одредени предизвици со кои тие се соочуваат. На средбите, сите беа согласни дека владините јавни повици за финансиска поддршка на инфраструктурни општински проекти, во голема мера ќе создадат услови за реализирање на долгогодишни барања и потреби на локалното население.

Токму изградбата на пешачка и рекреативна патека од Ново Село до Мокриево е едно такво барање, проект кој веќе се реализира со средства од првиот владин јавен повик, како и изградба на фекален канализационен систем за село Василево.Министерот Перински, заедно со градоначалниците и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, извршија увид на двата проекта чија реализација е во тек.

Градоначалникот на Ново Село, информираше дека вкупната должина на пешачката и рекреативна патека е 5 км, а во првата фаза ќе се изградат 2,7 km.

Патеката е особено значајна за поврзување на овие две населени места како едни од поголемите во општината. Поддршката на Владата на инфраструктурни проекти значајно ќе помогне да го подобриме работењето на нашите локални самоуправи, кои сме рурални и немаме доволно средства за финансирање на капитални проекти со што ќе решиме многу инфраструктурни проблеми, истакна градоначалникот Божинов.

Неговиот колега од Василево, потенцираше дека благодарение на владината поддршка, ќе се исполни тридецениското барање на граѓаните за изградба на канализација.

Овој проект го ветивме и денес сме сведоци дека неговата реализација станува реалност. Прелевањето на септичките јами и загадувањето на животната средина, станува минато, истакна градоначалникот Андонов, кој појасни дека проектот предвидува изградба на фекален канализациски систем во должина од 4 км.

Министерот Перински и премиерот Мицкоски порачаа дека владината поддршка ќе продолжи, не само на руралните општини, туку на сите во државава.

Денеска сме во посета Ново Село и Василево, каде што со дела практично ја потврдуваме нашата заложба како Влада да инвестираме во проекти коишто произлегуваат од потребите на граѓаните. За нас како Влада не постои заборавено место. На овие општини насушно им е потребна поддршката за реализација на вакви крупни проекти и во периодот којшто следи ќе бидеме сведоци на градежен бум кој ќе го зголеми квалитетот на живот на сите граѓани, истакна министерот и информираше дека досега на вториот владин повик за поддршка на инфраструктурни проекти поднесени се повеќе од 410 апликативни формулари.

Премиерот Мицкоски оцени дека граѓаните веќе ја чувствуваат разликата дека во Македонија сега се гради, наспроти изминатите 7 години.

Се решаваат децениски проблеми и ќе продолжиме да решаваме, тоа го ветивме пред граѓаните и тоа мораме да го испорачаме и го испорачуваме. Остануваме фокусирани да решаваме децениски проблеми на граѓаните, тоа е она што го очекуваат од нас“, истакна премиерот Мицкоски кој јавно му порача на градоначалникот на Струмица да заборави на политиканство, да работи во интерес на граѓаните и да аплицира на вториот владин јавен повик за поддршка на инфраструктурни проекти.

Поврзани вести