
Министерот Перински денеска престојуваше во Охрид, каде оствари средба со градоначалникот Кирил Пецаков, членовите на Советот и општинската администрација. На средбата, Перински разговараше за конкретните предизвици со кои се соочува општината, но и за решенијата што веќе се реализираат на терен.
Перински го истакна почетокот на реализацијата на проектот AdvenTour II, кој се спроведува во рамки на ИПА 3 програмата за прекугранична соработка со Грција. За овој проект, Општина Охрид располага со буџет од 187.685 евра, со цел развој на модерен, инклузивен и одржлив туризам. Според Перински, проектот ќе овозможи унапредување на туристичката инфраструктура и содржини достапни за сите, вклучително и за лицата со попреченост.
Дополнително, Перински посочи дека преку Програмата за рамномерен регионален развој е обезбедена конкретна поддршка за јавното комунално претпријатие. Станува збор за нова опрема која ќе овозможи побрза детекција и санација на дефекти во водоводната мрежа, што директно ќе придонесе за поефикасни услуги и намалување на загубите на вода.
Перински порача дека караванот „Каде што срцето е дома“ продолжува и во наредниот период, нагласувајќи дека најдобрите политики се креираат преку директна соработка со граѓаните.

Македонски


