
Околу 100 дрвја се уништени во невремето со силен ветер што минатата недела го зафати Куманово. Од ЈП „Чистота и зеленило“ информираат дека околу триесетина дрвја се уништени во Стариот градски парк, кај Спомен-костурницата и долж градскиот кеј. Од комуналното претпријатие најавија дека на нивно место ќе засадат нови садници од сопствениот расадник.
Дрвјата се уништени од силниот ветер кој го зафати Куманово минатата недела. Планираме да ги обновиме кога ќе дозволат временските услови. Имаме сопствен расадник и од таму ќе ги обезбедиме садниците, изјави директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ.
Стариот градски парк е еден од најстарите паркови во Куманово. Во него има повеќе од 370 листопадни дрвја, од кои дел се стари и над еден век. Паркот, кој се простира на површина од околу 38.000 квадратни метри покрај течението на реката Липковка, со децении претставува едно од препознатливите места за одмор и рекреација на кумановци.

Македонски



