Skip to main content

Одржана прва седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување во Делчево

Општинскиот штаб за заштита и спасување во Делчево ја одржа својата прва седница за оваа година. На седницата беа разгледани повеќе прашања од итен карактер поврзани со безбедноста на граѓаните, како и мерки за навремена реакција во потенцијални кризини ситуации. 

Како што информира за МИА, заменик-градоначалничката на Општина Делчево, Андријана Илиевска Велковски, состанокот на ова надлежно тело се одржа по претходна одлука за негово формирање.

Како надлежно тело со кое раководи градоначалникот на Делчево Иван Гоцевски, штабот е задолжен за координација и постапување во ситуации кои бараат итна реакција и навремено решавање на проблеми од значење за безбедноста на граѓаните. На седницата беа разгледувани повеќе прашања од итен карактер, меѓу кои и проблемот со појава на карпа на улица Маршал Тито каде е загрозен објект, за што беше изработен план и програма со конкретни чекори за негово решавање“, изјави Илиевска Велковски.

Таа посочи дека како посебна точка на дневниот ред биле отворени и прашања поврзани со состојбата на водоводната и канализациската мрежа, при што биле јасно распределени надлежностите и одговорностите меѓу институциите и службите задолжени за нивно решавање.

Седницата ја оценуваме како продуктивна, бидејќи се донесоа конкретни заклучоци и се задолжија надлежните служби веднаш да започнат со активности на терен“, истакна заменик-градоначалничката.

Како еден од поважните заклучоци од седницата, била нагласена потребата од интензивирање на комуникацијата и координацијата со надлежните институции во делот на превенција и заштита од пожари. Поради зголемениот број пожари во текот на оваа година, договорено е подготовките за противпожарна заштита да започнат уште во текот на месец октомври. 

Поврзани вести