Skip to main content

Одбрана е локацијата каде што ќе се гради националниот дата центар, изјави министерот Стефан Андоновски

Националниот дата-центар најверојатно ќе се гради во близина на двете скопски технолошко-индустриски зони, кај Бунарџик, најави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој вели дека се работи за парцела на која нема плодно земјиште, но има доволно простор доколку во иднина Владата одлучи да изгради и фотонапонска централа од која податочниот центар би добивал струја.

Се наоѓа во близина на Скопје, во близина на Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 и 2, се наоѓа во близина на автопат, во близина на оптичка линија, така што најверојатно центарот за податоци ќе биде сместен таму, вели Андоновски.

Изградбата на Националниот дата-центар ќе се финансира со државни пари, но има и 30% грантова компонтента. Владата сега има задача да најде меѓународен финансиер, со оглед на тоа што иако разговараше со Светска Банка, поради некомпатибилност со барањата на ЕУ, Светска банка нема да може да ги обезбеди парите.

Разговараме со различни финансиери коишто се компатибилни со барањата на Европската Унија за ваков вид на проекти. Овој процес е нов и за ЕУ. Планот за раст е една нов механизам којшто тие го користат за финансирање. Така што, тоа ќе бидат некои од меѓународните финансиски институции. Ние имаме добра соработка со голем дел од нив. Не сме имале проекти досега, имаме само еден со кој сме во напредна фаза на дискусија со Банката на Советот на Европа. Така што, разговараме со нив, разговараме со други некои потенцијални финасиери. Ќе видиме во периодот којшто следи од кого ќе добиеме најдобра понуда и кој ќе биде заинтересиран за соработка, вели Андоновски.

Националниот центар за податоци ќе чини 20 милиони евра, од кои 30% се за опремата, а останатите 70% – за изградбата на објектот. Владата сепак остава простор да бидат потребни и повеќе пари, во зависност од цените на хардверските компоненти во иднина.

Модуларно го планираме проектот да ни дозволи да со реформска агенда плус или со некои проекти го доопремиме. Дали во делот на колокација на опремата на постојните институции или пак употреба на Вештачката интелигенција. Но така ќе биде дизајниран податочниот центар што ќе ни дозволи и надградба на нова инфраструктура кога за тоа ќе има можност. Некои најави од компаниите коишто ги слушам дека цените на хардверската опрема се очекува да стагнираат и да паѓаат во периодот којшто следи. Така што, ќе го искористиме тој период 2027 – 2028 за набавка на опремата, вели Андоновски.

Македонија во моментот поседува само еден – резервен дата-центар во Прилеп кој е под надлежност на Министерството за внатрешни работи. По изградбата на Националниот дата-центар ќе следи процес на мигрирање на податоците од сите државни институции.

Поврзани вести

giyim