Skip to main content

Нема откажување од напорите за деблокада на евроинтеграциите, членството во ЕУ е наша иднина, вели Мицкоски

Нема откажување од деблокадата на евроинтегративниот пат на државата, оти членството во ЕУ е нашата иднина. И покрај преголемите отстапки земјата е на истото место како пред 25 години, поради билатерално прашање. Сега треба некој во Брисел да погледне кон себе и да каже дали навистина сака да го види овој регион и оваа мала земја во срцето на Балканот во ЕУ, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски.

-Како човек и политичар ќе сторам се што е во наша моќ граѓаните да добијат европска иднина без оглед дали тоа Европа сака да не прими кај нејзе или ние ќе ја донесем Европа овде. Тоа е мој личен приоритет, бидејќи јас сум сепак редовен универзитетски професор, образувам млади луѓе и знам дека тоа е иднината на оваа земја, нема друга. Дека во овој момент имаме опструкции кои што немаат никаква врска со европските вредности, факт е тоа, сите знаете, имаме. Дека се бориме да ги надминеме – се бориме, дека има рок – нема рок. Се додека немаме јасна европска перспектива ќе преговараме и ќе се трудиме да го одблокираме овој процес. Ќе сториме се што е во наша моќ, нема откажување. Нема никогаш да излезам малодушно пред сопствените граѓани и да кажам блокиран ни е патот, нема иднина. Ќе се борам се додека функционирам, рече Мицкоски на новинарско прашање дали е оптимист дека ќе добиеме гаранции од ЕУ дека нема да има нови блокади, по посетата на општина Студеничани.

Тој порача и дека кога нема самиот да функционира, ова ќе го пренесе на оние кои ќе бидат во Владата негови наследници, оти вели делата остануваат да говорат дали сте направиле нешто за граѓаните, за државата или не, а тоа го потврдува и владиниот рејтинг кај јавноста.

-Јас  верувам дека во овие девет месеци како претседател на Владата правам добро за граѓаните и тоа граѓаните го покажуваат на анкетите и на јавното мислење. Верувам дека членовите на Владата прават добро за граѓаните и знам дека сите тие се мотивирани да испорачаат проект повеќе за граѓаните, и се додека е така ќе функцинираме и ќе работиме. Нема никогаш да излезам и да се предадам и да речам оваа битка е загубена, не.  До последно ќе се бориме и ќе се обидеме нашите аргументи да ги пренесеме се со цел овој процес да го одблокираме и да добиеме вистинска европска иднина, а не билатерални прашања од средниот век да ни бидат кочница да не можеме да зборуваме за вистински европски прашања кои што се поврзани со 22 век, вели шефот на Владата. 

Премиерот потврди дека ни во отстуство на гаранции нема да има промена на курсот на надворешната политика на земјава кога станува збор за чланството во ЕУ, но на Брисел е, смета тој, да покаже дали е заинтересиран вистински да го интегрира регионов и земјава во Унијата. 

-Ние ќе продолжиме да се стремиме кон ЕУ, тоа е наша цел, тоа е нашата крајна дестинација. Дали ќе го одблокира ЕУ поради барањето на една земја членка да го блокира овој наш процес, тоа зависи од сама ЕУ, не зависи од нас. Ние дадовме премногу како ниту еден народ, ниту една земја за таа ЕУ. Сменивме име, знаме, банкноти, устави менувавме, какви ти се не кнедли и понижувања истрпевме, за жал се наоѓаме на истото место како пред 25 години. Сега треба некој таму во Брисел да погледне кон себе дали навистина сака да го види овој регион и оваа мала малубројна земја во срцето на Балканот со луѓе со големи срца во Брисел, вели Мицкоски. 

Поврзани вести