Skip to main content

Нема кадровска криза во СДСМ, тврди Филипче 

Членството, симпатизерите и граѓаните очекуваа да се донесат нови луѓе на раководните места во партијата, а тоа подразбираше разговори со стотици наши членови, поддржувачи и луѓе кои никогаш не влегле во политичката партија. Така вели претседателот на Социјалдемократскитот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, откако партијата избра ново раководство, но дури пет месеци по неговиот избор за претседател.

Во тие консултации биле разгледани и кадри кои во минатото биле тргнати настрана, а вредат, па според Филипче периодот од пет месеци не е предолг. На новинарско прашање дали има кадровска криза во СДСМ, Филипче вели – напротив, станува збор за ширење на платформата со вклучување на луѓе коишто вредат.

Фани Каранфилова-Пановска, претходно не била членка на СДСМ, сега станува број два во партијата. Генералниот секретар Александар Димитриевиќ има партиски стаж, ама јавноста не го знае или барем пошироката јавност не го знае. Оттука овие коментари за тоа дека веројатно имавте проблем да стигнете до екипирање на раководството?

Не би рекол проблем, туку предизвик да се направи еден тим којшто ќе биде различен, којшто ќе биде спој на искуство и младост и тим којшто допрва ќе ја освои политичката сцена кај нас. Генералниот секретар беше одличен менаџер на симулацискиот центар, којшто е центар етаблиран и од Медицинскиот факултет во Скопје и од Министерството за здравство и од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Штип и се покажа како одличен менаџер. И заменичката Фани Каранфилова-Пановска, која со години наназад работи во една општествена сфера, подобрувајќи ги условите во делот на социјалата, во делот на образованието, во делот на здравството, пред сè за некои маргинализирани категории. Таа е неуморен работник, навистина голем професионалец со многу добра професионална работна навика, што мислам дека одлично ќе биде имплементирана и во партијата.

Според Филипче, таквиот пристап довел до поголема раздвиженост во партиските штабови, два до три пати поголема од онаа за време на предизборниот период. Како дел од тој позитивен тренд ги посочи организациите во Охрид, Битола, Прилеп, Штип и во Велес, по изборот на нови раководства.

Но, во меѓувреме, имаше и јавно незадоволство од изборот на новото раководство. Поранешниот висок функционер на партијата и поранешен градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, беше еден од критичарите.

Филипче вели оти вратите во партијата за Шилегов се отворени.

Јас сум човек којшто има многу широк демократски капацитет, трпам критики сè додека се конструктивни. Верувам дека се конструктивни и дека станува збор за емоција. Сепак, поранешниот градоначалник во овој момент нема никаква функција, иако, еве јавно да порачам дека вратата за него е секогаш отворена во партијата. Така што има и други луѓе коишто реагираат, коишто сакаат да бидат вклучени. Мојот пристап во овој период беше да добијат шанса луѓе коишто досега не биле на функција, сите останати да може да се тука, да им се најде и формално место во разни совети сениорски и така натаму. Да им помогнат да се надградат поради тоа што овој тим ќе се бори на секој следен циклус избори во следните години,вели Филипче.

Во однос на реакциите на ВМРО-ДПМНЕ дека со изборот на кадри Филипче е продолжена рака на експремиерот Зоран Заев, првиот човек на СДСМ вели дека коментарите се несоодветни.

Не верувам дека има некаква добронамерност во тој пристап, напротив. Но пак ќе кажам, станува збор за луѓе со многу силен голем личен интегритет, искуство во различни сфери, пристап до различни фокус-групи коишто ни се многу важни. Да ја прошириме платформата на којашто дејствуваме со цел да пристапат луѓе, групи луѓе, институции коишто веруваат дека либералната демократија е единствената можна иднина за нашата земја и на тој начин да го прошируваме фронтот, би рекол опозициски, а тоа сè поинтензивно се случува во изминатиот период, додава Филипче.

Поврзани вести