![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/sudski-sovet.webp)
Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ денеска поднесоа до Собранието интерпелација за работата на членовите на Судскиот совет. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека ЕУ и јавноста во земјава постојано укажуваат за недостатоци на работата на Судскиот совет и дека тие забелешки се значајни за реформите. Тој додаде дека со интерпелацијата сакат да порачаат дека време е да се воведе ред во руинираниот судски систем и потсети дека ВМРО-ДПМНЕ гласала против годишниот извештај за работата на Судскиот совет, но тој не помина во Собранието.
– Очекував Судскиот совет сам да поведе иницијативи за разгледување на Извештајот, зашто членот 100 став 8 од Законот за Судски совет, предвидел дека ако Собранието не го усвои Извештајот, тоа ќе биде основа за поведување расправа пред органите што ги избрале членовите на Судскиот совет за оцена на нивната работа во Советот. Мораме да најдеме некој тригер за да почнеме со одредена иницијатива, а законот ни го дава тоа право – рече Мицевски.
![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/interpelacija-sudski-sovet-747x1024.jpg)
Тој не откри кои се следните механизми на дејствување во случај членовите на СС да не поднесат оставки и по изгласана интерпелација.
Меѓу причините за интерпелација на членовите на Советот се наведува дека е поднесена заради недоследно спроведување на надлежности, особено заради негрижа, односно нарушување на угледот на судиите и загрозување и нарушување на довербата на граѓаните кон судството, а со тоа и на целиот правосуден систем, односно судството во целина.
Мицевски побара поддршка од сите опозициски парламентарни партии и сите пратеници за овие измени. Според него, за нивото на кое е СС, одговорен е опозицискиот СДСМ поради начинот на кој биле избрани членовите.
– Наместо да се занимаваа со проблемите во судството, СС се занимаваше со самиот себе. Нивната улога е да ја контролираат работата на судиите, а тие, видовте, правеа забава за широките народни маси на штета на правосудството во државата – рече Мицевски.
За обвинувањата од опозицискиот Европски фронт дека со разрешување на членовите ќе се изгубат парите од европската поддршка за судството, за Мицевски е поважно дека е изгубена довербата на граѓаните во правосудството.
– Треба ли да ја оставиме состојбата вака само за да добиеме одредени средства од ЕУ – реторички одговори Мицевски.
Опозицискиот СДСМ не се огласи откако власта ја поднесе интерпелацијата.