Предлогот на Фискалниот совет да се зголеми старосната граница за пензионирање на 67 години предизвика реакции во јавноста. Од Сојузот на синдикати на Македонија го оценија ваквиот предлог како сериозно загрижувачки и наместо тоа побараа сериозни политики за зголемување на вработувањето на младите и мерки за пристојна работа со почитување на правата од работен однос според меѓународните трудови стандарди. Од Владата, пак, велат дека во овој момент не се размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање и дека се прават напори за стабилизирање на состојбата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
– Ќе ги разгледаме сите состојби како да имаме еден стабилен систем. Во овој момент она што го направивме е усогласување со покачувањето на пензиите од 5000 денари. Имаме активна методологија, имаме закон по којшто се работи. Како што гледаме како да ги стабилизираме сите состојби, така остануваме посветени и на состојбата во Фондот, изјави вчера портпаролката на Владата, Марија Митева.
Според заменик-министерот за економија Марјан Ристески, потреба е добра анализа и да се утврди одговорноста зошто е дозволено да се празни Пензискиот фонд.
– Мислам дека треба да се размисли, да се согледаат параметрите. Знаеме дека Пензискиот фонд е празен, треба да се направи анализа зошто е тоа така во претходниот период и ако има одговорност, да преземат одговорност тие што го довеле до таа состојба, меѓутоа треба да се разгледаат и можностите и примерите од соседството и од европските држави и ние да го следиме чекорот во однос на пензионирањето на граѓаните во Република Македонија во однос на старосната граница. Сепак, конкретна изјава не можам да дадам. Тоа ќе биде после правењето на сеопфатни анализи. Секторот труд од пред неколку дена е префрлен кај нас така што ги имаме кадрите и ќе ги земеме анализите и од претходно и од сегашната состојба и од предвидувањата за иднина па ќе донесеме некоја соодветна мерка којашто ќе биде во интерес и на државата и на граѓаните во однос на пензионирањето, изјави вчера Ристески во Куманово.
Од Сојузот на синдикати на Македонија во изјава за МИА потенцираа дека пензиските реформи во сериозни држави се прават врз основа на сеопфатни анализи за целокупната општествено – економска состојба со сите предности и клучни предизвици во насока на социјално згрижување и сигурност за најголем број од населението.
– Доколку членовите на Фискалниот совет сакаат да помогнат во крпење на буџетот во Фондот за пензиско, можеби треба да почнат да плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување за сите нивни приходи што ќе претставува пример и за останатите кој треба да се следи! И во минатото сме биле сведоци на вакви несериозни предлози и тоа од луѓе кои не се дел од работниците, а на штета на работниците. Напоменуваме дека вакви избрзани мерки преку зголемување на стапката на придонес или продолжување на возраста за пензионирање, само и исклучиво во обем потребен за покривање на дефицитот на Пензинскиот фонд, на долг план не вложувале со плод, напротив структурните проблеми останувале нерешени и проблемите се повторувале, вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.