
Неготино ќе биде подобар, попросперитетен и град во кој ќе се живее навистина убаво. Ова го напиша вечерва Марија Нацева на Фејсбук, откако беше избрана за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Мое Неготино, испишавме историја. Неготино ја доби првата жена градоначалник. Благодарам за безрезервната поддршка која ја добив изминативе неколку недели и денес. Благодарам и на оние кои не ми ја дадоа поддршката, тие за мене претставуваат дополнителен мотив за да им докажам дека сите мои зборови кажани во предизборната кампања ќе бидат претворени во дела, истакна таа.
Притоа додаде дека не ветува оти ќе биде лесно, туку ветува дека ќе биде исправно.
Ни претстои многу работа, но кога работиме за нашиот дом и кога работиме заеднички ништо не е тешко. Ќе се борам со сета своја сила против поделбите што нè ослабуваат и Неготино ќе биде град за сите, подеднакви можности за секој, успешни млади, среќни лица и многу нови проекти од кои бенефициите ќе ги увидеме многу скоро, напиша Нацева.

Македонски






