Skip to main content

На летниот распуст одвојте време за книги, стекнување нови знаења и развој на личните вештини, им порача министерката Јаневска на учениците

Министерство за образование и наука

Денес завршува учебната 2025/2026 година. Година што беше подобра од претходната и во која воведовме бројни новини во воспитно-образовниот процес, во интерес на учениците, наставниците, стручните соработници, како и на родителите и старателите, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска во обраќањето до учениците во основно и средно образивание за кои денеска почнува летниот распуст и ќе трае до 31 август.

Благодарност до сите за поддршката и прифаќањето на промените. Уверена сум дека веќе ги гледаме првите позитивни резултати, што претставува дополнителен мотив да продолжиме со унапредувањето на образовниот систем.
На сите основци и средношколци им честитам за постигнатите успеси. Им посакувам убав летен распуст, исполнет со одмор, дружење и незаборавни спомени. Верувам дека ќе одвојат време и за литература, за стекнување нови знаења и за развој на личните вештини. Компјутерите и дигиталните алатки што им се достапни нека ги користат мудро за учење, истражување и откривање нови можности.
Наставниците се и остануваат најважниот столб на квалитетното образование. Со голема посветеност и професионалност ја реализираа наставата и им го пренесуваа знаењето на своите ученици на најдобар можен начин. За дополнително да ја поттикнеме нивната мотивација и креативност, донесовме одлука за ново зголемување на платите за 7,5 проценти, со што кумулативниот раст во последните две години надминува 20 проценти, вели Јаневска.

Таа потсети дека МОН паралелно вложувал во подобрување на условите за настава и работа, но и во создавање можности за професионален и кариерен развој. Реализиравме нови повици за напредување на наставниците и стручните соработници во звања ментор и советник во основното образование, а за првпат оваа можност се обезбеди и во средното образование.

Важно е да останеме партнери и во иднина. Уверена сум дека заеднички ќе ги реализираме сите цели и активности предвидени со Реформската агенда. Најдобриот интерес на учениците е наш заеднички приоритет и останува во фокусот на сè што правиме. Посебна благодарност упатувам и до родителите и старателите. Нивната посветеност и грижа најдобро се препознаваат преку развојот и однесувањето на децата. Во следната учебна година очекувам уште поголема проактивност и соработка, особено во справувањето со предизвикот на врсничкото насилство. Секој од нас има подеднакво важна улога во создавањето безбедна, мирна и поттикнувачка училишна средина, вели Јаневска.

Пред Министерството за образование и наука претстои работно лето. Во тек се повеќе значајни процеси на кои сме целосно посветени – реализацијата на државната матура, уписите во средното образование, набавката на нови учебници, изработката на нови наставни програми, забрзувањето на дигитализацијата, како и завршувањето на повеќе инфраструктурни инвестиции.

Задоволни од досега сработеното, продолжуваме мотивирано и посветено да создаваме уште подобри услови за успешна учебна 2026/2027 година. На сите ви посакувам добро здравје, среќа и пријатен летен распуст, заврши Јаневска.

Поврзани вести