Skip to main content

Муртезани-Палминтери: Продлабочување на билатералната соработка, со крајна цел забрзување на процесот на европска интеграција на земјава

Фото: Министерство за европски прашања

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани и новоименуваниот амбасадор на Италијанската Република, Паоло Палминтери, на денешната средба во Скопје ја потврдиле заедничката посветеност кон продлабочување на билатералната соработка, со крајна цел забрзување на процесот на европска интеграција на Македонија.

Муртезани, како што соопшти МЕП,  ја поздравил континуираната и принципиелна поддршка на Италија за политиката на проширување на Европската Унија, како една од нејзините основачки земји-членки.

Соговорниците констатирале дека овој ангажман е од суштинско значење за зачувување и унапредување на моменталната динамика на процесот на проширување. Во тој контекст, била потенцирана активната улога на Италија во рамките на групата „Пријатели на проширувањето“, што уште еднаш било потврдено со одржувањето на вчерашниот состанок во Рим.

Муртезани и Палминтери ја реафирмирале успешната соработка во рамки на европските инструменти, како што се IPA Twinning и TAIEX, каде досега се реализирани осум twinning проекти со италијански партнери во областа на животната средина, земјоделството, организираниот криминал и развојот на приватниот сектор.

На средбата, Муртезани ја охрабрил италијанската страна за понатамошно учество во овие програми, кои значително придонесуваат кон усогласување со европските стандарди. Дополнително, било истакнато дека Македонија веќе е дел од меѓурегионалните и транснационалните територијални програми – URBACT, Interreg Европа, Euro-Med и Adrion, што отвора нови можности за зајакнување на партнерствата меѓу институциите и граѓаните на двете земји. 

Поврзани вести