![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/foto-1024x682.jpg)
Министерот за европски прашања на Република Македонија, Орхан Муртезани, денес во рамките на работната посета на Хеленската Република, имаше средба и со потпретседателот на грчкиот Парламент и претседател на Комисијата за европски прашања, Јоанис Плакиотакис.
На средбата беше истакната важноста на парламентарната дипломатија како значаен инструмент за продлабочување на политичкиот дијалог и зајакнување на билатералните односи меѓу Македонија и Грција. Во тој контекст, беше разгледана можноста за зајакнување на комуникацијата меѓу законодавните домови на Македонија и Грција, како дел од заедничките напори за продлабочување на добрососедските односи.
Муртезани и Плакиотакис се осврнаа на европското досие на Македонија и пполитиката на проширување на Европската Унија. Министерот Муртезани ја истакна важноста на одржувањето на кредибилноста на пристапниот процес, особено во светло на предизвиците што земјата ги надминува во напредокот кон следната фаза од преговорите. Се дискутираше и за Планот за раст за Западен Балкан, при што соговорниците ја истакнаа важноста на механизмите за побрза економска конвергенција на регионот со Унијата. Од македонска страна беше изразен интерес за унапредување на соработката со Грција во рамките на планот, особено во делот на инфраструктурното поврзување и енергетската безбедност.
Во текот на средбата беа разменети мислења и за билатералните процеси што се предмет на парламентарна процедура, при што беше потенцирана важноста на исполнувањето на преземените обврски како начин за натамошно јакнење на довербата и динамиката на соработката. Двете страни се согласија дека конструктивниот пристап и инклузивниот политички дијалог остануваат клучни во натамошното продлабочување на партнерството.