
Владината портпаролка Марија Митева порача дека Јавното обвинителство треба брзо и ефикасно да постапи во случајот со епидемијата во Гостивар, нагласувајќи дека утврдувањето на одговорност е клучно за вакви ситуации никогаш повеќе да не се повторат.
Говорејќи на денешната прес-конференција во Владата, Митева истакна дека, покрај навременото реагирање на надлежните институции, неопходно е и експедитивно постапување на Обвинителството.
„Постапувањето на Јавното обвинителство во следниот период треба да биде брзо и експедитивно. Колку што е важно навременото постапување на надлежните институции, толку е важно и утврдувањето на одговорност со цел никогаш повеќе да не се случуваат вакви состојби“, рече Митева.
Таа оцени дека институциите реагирале навреме и, како што рече, во рекордно време ги извршиле обврските кои во голема мера се во надлежност на локалната самоуправа.
„Надлежните институции постапуваа согласно своите законски надлежности, дури и во рекордно време завршија обврски кои во голем дел се надлежност на локалната самоуправа. Во случај на епидемија или забрана за употреба на водата за пиење од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, обврска на Општина Гостивар е да обезбеди непречено водоснабдување за граѓаните“, истакна Митева.
Таа зборуваше на заедничка прес-конференција со министерот за здравство, како и директорите на Институтот за јавно здравје и на Службата за општи и заеднички работи при Владата, посветена на состојбата во Гостивар, каде е прогласена епидемија по зголемениот број граѓани со стомачни тегоби.

Македонски


