Skip to main content

Мицкоски: Пуштена е во употреба железничката пруга Куманово-Бељаковце, во должина од над 30 километри во вредност од над 78 милиони евра

Денеска е пуштена во употреба железничката пруга Куманово-Бељаковце, во должина од над 30 километри во вредност од над 78 милиони евра. На пругата Куманово – Бељаковце се изградени три нови железнички станици (Ново Куманово, реконструирана постоечката железничка станица Куманово, 6 стојалишта, 5 мостови, 1 тунел, пропусти со различен дијаметар, заштита на наклони, одводни канали, пристапни патишта, звучни бариери, потпорни ѕидови, горен строј и сигнализација и телекомуникација. На железничките станици и стојалишта е инсталирана сигнално-телекомуникациска опрема во вредност од 10 000 000 евра, алуминиумски седишта, челични настрешници, дисплеи, лед осветлување.

Во продолжение интегрален текст од обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски:

Почитуван амбасадор на ЕУ, Михаил Рокас,

Почитуван шеф на канцеларијата на ЕБОР, Фатих Туркменоглу,

Почитувани заменици претседатели во Владата, директор на Македонски железници инфраструктура, директор на Македонски железници транспорт, пратеници, градоначалници,

Почитуван министер за транспорт, Александар Николоски и Синиша Ивановски,

Почитувани екселенции, претставници на медиумите, драги пријатели и драги гости,

Ми преставува особено задоволство што се пушта во употреба првата фаза од железничката пруга кон Источниот сосед, Куманово-Бељаковце, во должина од над 30 километри за што се инвестирани, како што беше кажано, повеќе од 78 милиони евра.

Но, она што преставува една важна симболика е што изградбата на оваа пруга преставува и еден синоним за победа над една неуспешна и криминална транзиција и победа над сите лажни ветувања за градбата на оваа пруга, која постојано беше ветувана, не само во деведесеттите години, туку и две и половина децении потоа.

Последниот воз кој се обратил на овие правци е далечната 1996 година и практично нејзината изградба стана мит за лагите и неуспесите на, за жал на, многу Влади потоа. Речиси 28 години потоа, еве на еден убав настан, каде сме сведоци на пуштањето во употреба да модерна железница, важен сегмент на Коридорот 8.

На некој начин, во изградбата на оваа пруга беше вклучена Европската Унија во мало, односно дел од средствата беа обезбедени од ЕУ и ЕБОР, а во сегменти на оваа пруга преку свои активности учествува и компании од Италија, Словенија, Австрија и други европски држави.

Благодарам за поддршката и со тоа што заедно можеме да го одбележиме финишот од првата фаза на овој стратешки проект.

Коридорот 8, за нас како Влада, претставува подеднакво значаен и стратешки проект заедно со Коридорот 10, бидејќи како што кажав неодамна, напуштањето на една друга проектска делница, тоа беше експресниот пат, којшто ги поврзува Градско-Дреново-Фариш. Овие два коридори се главен приоритет за оваа Влада, бидејќи ние како држава претставуваме природна раскрсница на овие два коридори и ова треба да претставува наша предност во споредба од другите држави во регионот.

Ја сум убеден дека, наскоро од денска и втората секција ќе се заврши, односно ќе се заврши во рокот којшто е предвиден во договорот. А многу скоро од денеска, ќе заврши тендерската процедура и за третата секција, со што ќе бидеме целосно поврзани со нашиот источен сосед. А со тоа практично ќе бидеме и дел од еден многу важен коридор, не само за Европската Унија, туку и за НАТО Алијансата, а тоа е коридорот којшто ги поврзува Бугарија, Македонија, Албанија, а потоа и Италија, односно Коридор 8 којшто ги поврзува Црното море со Јадранското.

Исто така ќе ми дозволите да споменам дека сите оние коишто беа вклучени во овој проект се заслужни. А најзаслужни се оние коишто оставија дел од својот живот, вложија многу енергија, односно вложуваа многу енергија на дневна основа, и дење и ноќе, за да ова денеска што ние го поминавме со возот биде реалност и она кое што ќе се поминува во деновите коишто следат.

Министерот за транспорт и заменик-претседател на Владата, Николоски кажа дека со голема заслуга и на директор на Македонски железници транспорт, директор на Македонски железници инфраструктура, ќе почне редовната линија Куманово-Скопје, а во одредени денови ќе имаме и овде до Бељаковце нормално обраќање на возовите. Но сакам да ги потенцирам улогите на работниците коишто учествуваа во изградбата на оваа пруга. Сакам длабоко од срце да им се заблагодарам од мое име и од името на Владата, затоа што без нивната катадневна посветеност, желба, енергија, немаше најпрвин проектот да биде завршен во рокот, како што кажа и директорот на Македонски железници инфраструктура. А потоа и можеби немаше ние денеска да можеме на овој прекрасен, убав сончев ден, јануарски да се радуваме на оваа пруга, на оваа делница. Затоа ви благодарам од мое име и од името на Владата за сѐ што направивте.

Ќе ми дозволите и да се заблагодарам и на сите вработени од Македонски железници инфраструктура и однапред да се заблагодарам на вработените во Македонски железници транспорт коишто ќе ги обраќаат возовите на оваа делница. Бидејќи исто така тие заедно со директорите се заслужни што ние денеска ја користиме оваа делница и ќе ја користиме во иднина. И се надевам дека голем број жители на овој дел од нашата татковина ќе може ја користат оваа пруга. А голем дел кумановци, скопјани, но и останати наши сограѓани ќе можат да ја користат делницата од Куманово до Скопје во годините коишто доаѓаат.

Изминативе денови, сакам да напоменам пуштивме проекти во вредност од повеќе од 220 милиони евра, се завршени проекти во вредност од повеќе од 220 милиони евра и тоа е нешто коешто е многу значајно. Јас честитам.

Започнавме од 4 јануари кога најпрвин ја пуштивме во употреба делницата на експресниот пат од Чатар преку Длабочица до Крива Паланка, па потоа следеше Дреново, односно Градско-Дреново-Фариш, да го завршиме во оваа серија со оваа железничка пруга којашто ги поврзува Куманово и Бељаковце, нека ни е со среќа. Навистина импозантна бројка повеќе од 220 милиони евра инвестиции.

И сосема на крај, сигурен сум дека и за овој проект ќе излезат од опозицијата и во отсуство на идеи ќе го кажат дека и ова тие го изградиле. И затоа еве уште еднашка ја користам оваа прилика да им се заблагодарам и на нив што во изминативе седум години како Влада не успеаја да го пуштат овој проект, па требаше да дојде оваа Влада во којашто е коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата ВРЕДИ и политичката партија ЗНАМ, да го доврши, заврши и пушти во употреба сите овие проекти во вкупна вредност од повеќе од 220 милиони евра. Но пораката е дека ова е пруга за сите, оваа пруга е за граѓаните и тие ќе ја користат оваа пруга и нека ни е аирлија и да ни се множат вакви проекти уште многу во годините коишто следат.

Она коешто сосема на крај сакам да го споменам е дека продолжуваме како Влада со несмалена динамика да ги реализираме проектите, заложбите и ветувањата коишто беа дел од и Владината програма и кампањата којашто резултираше со огромна историска победа на Парламентарните извори во мај 2024 година. Со несмалена динамика, со уште поголем жар и со уште поголем мотив во месеците и годините коишто следат како Влада ќе го испорачаме она коешто сме им го ветиле на граѓаните и сме се обврзале пред граѓаните.

Затоа уште еднашка почитувани присутни, ви благодарам на поддршката којашто ни ја давате и она што ни е најважно да ја вратиме Македонија повторно на вас, на граѓаните, да биде повторно горда, и Бог да ни ја благослови нашата Македонија.
Ви благодарам од срце, истакна Мицкоски во своето обраќање.

Поврзани вести