Skip to main content

Мицкоски: Ние, што денес имаме одговорност да водиме, мораме да ја создадеме таа шанса, држава — отворена, фер, со ред и систем

Денес имаме битки кои мораме сами да ги водиме, и победи кои мора заеднички да ги издвојуваме. Повеќе од 30 години политичарите во Македонија никогаш отворено и вистински не говореа за младите, за тоа што е потребно да направиме за да тие вистински бидат среќни. Но и никогаш не ги слушаа што тие ни кажуваат, и тогаш кога многу недостатоци укажуваа. Најголемиот неуспех на една држава се случува кога ќе згаснува жарот на младоста, кога младите ќе се уморат долго чекајќи да бидат слушнати и никогаш нема да дојде нивното време. Тоа што младите си одат од Македонија не е затоа што нашле подобро место од својот дом, туку затоа што не биле слушнати кога гласно говореле – рече премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната 34-та Годишна конференција на Унијата на млади сили.


Тој вели дека срцето му се распарчува кога ќе види празни клупи низ факултетите.

Моето срце се распарчува кога ќе ги видам празните клупи по факултетите, празните улици по градовите и полните автобуси и авиони со млади луѓе кои си заминуваат. И ова не е неуспех на индивидуа еден човек, или само една генерација кои воделе политика во Македонија, туку заедничко потфрлање на сите до сега, кои не посветија внимание на младите, кои систематски со неспособност, криминал и корупција го уништуваа системот. Кој не дозволија сонот да стане реалност. Кој секоја желба и мотив ја разградуваа со колективните грабежи, со рушење на системот, со некадарност и грубо префрлање на вината. Загубените генерации не потсеќаат на времето и не-делата што ги направија, и затоа кога зборувам за тоа што наследивме, тие кои не доведоа до тука не им се слуша. Но во исто време знам дека народот е уморен од изговори, од меѓусебно префрлање на вината и одбегнување на одговорност за работите кои се заеднички важни – рече Мицкоски.


Вели само со заедничка борба може да се успее.

Работите можеме да ги смениме само доколку отворено пристапуваме и отворено разговараме. Потоа и заеднички се бориме. Затоа денес секој чекор кој го преземаме е да ја вратиме надежта и создадеме систем на ред и одговорност. За тоа ни е потребна мобилизација и шанса за секој еден човек кој сака искрено да работи и покажуваме оваа измината година дека може поинаку. Никогаш не ви ветив чуда, невозможни работи, но затоа беспоштедно и максимално ќе се борам за секој еден човек и за заедничката иднина. И мора да го смениме системот и да ја вратиме надежта која постепено се враќа. Денеска зборуваме за горда и достоинствена Македонија која секаде е дочекувана со гордост и достоинство – рече Мицкоски.


Македонскиот премиер ги повика да се вклучат сите во борбата за промена на системот.

И знајте – денес не ве повикувам само да се надевате. Ве повикувам да се вклучите. Да се борите. Да се исправите. Затоа што никој нема да ни ја даде иднината на тацна – ќе мора сами да си ја изградиме, тула по тула, борба по борба, ден по ден . Вие младите не сте само иднината на оваа држава — вие сте нејзиното најсилно сегашно срце. Вие сте генерацијата што ќе ја движи Македонија напред. Не со страв, туку со идеи. Не со поделби, туку со заедништво – нагласи Мицкоски.


На младите им порача да останат тука, да се борат и да градат тука:

И затоа сакам денес да ви порачам: останете тука. Борете се тука. Градете тука. Македонија има потреба од вашиот ум, од вашата креативност, од вашиот немир што го менува светот. Јас подавам рака на младите и го немаме повеќе луксузот да не успееме. Вашата генерација мора да успее. Ова е последната шанса за успех.
Ние, што денес имаме одговорност да водиме, мораме да ја создадеме таа шанса, држава — отворена, фер, со ред и систем. Еве го нашиот предизвик: да не дозволиме Македонија да остане заглавена во стари приказни. Да создадеме нова приказна — ваша приказна. Приказна на успех, знаење, правда и слобода. Младите на Македонија — вие сте тие што можат да ја променат оваа земја. Вие сте тие што ќе ја направат подобра. Не постои сила што може да ве запре кога верувате во себе и кога дејствувате заедно. Македонија мора да успее. И ќе успее. Јас ви го ветувам тоа, заедно ќе направиме Македонија да успее


Поврзани вести