
Премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во телевизија Алсат одговарајќи на новинарско прашање зошто го обвинува и го факторизира само Бујар Османи за штетниот договор со Бугарија, беше дециден дека покрај тогашниот министер за надворешни работи Османи ги споменува и Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ, но прави и грешка и заборава едно лице, а тоа е Стево Пендаровски.
Мицкоски потсети дека Пендаровски во изјава на еден национален медиум кажал дека тој е практично лицето кое го преговарало таканаречениот „француски предлог“, иако претходно тврдеше дека ништо не знаел и дека не доаѓа предвид промена на Уставот и оти тоа не е предмет на разговори и преговори.
– За жал тој предлог е се само не во интерес на сите граѓани на Македонија. Јас тука не зборам дали се Македонци или Албанци бидјеќи сите ние без разлика на нашата етничка припадност и религија, ние имаме една заедничка цел да бидеме дел од еворпското семејство. Тој пат се отежна и морам да кажам дека стана речиси невозможен, рече премиерот Мицкоски.
Прашан дали дава надеж изјавата од пред некој ден на министерот за надворешни работи на Бугарија дека Софија гарантира дека нема да има нови барања и со тоа останува само Уставот како пречка, Мицкоски се осврна на тоа дека истиот тој министер за надворешни работи пред неколку месеци изјави исто така дека ова е само почеток и оти во текот на преговорите има уште многу работи што треба да се разрешат, дорешат итн…
– Сега на кого да веруваме. На истиот министер за надворшени работи од пред два – три месеци или на овој сега, или пак на некој иден, кој исто така ќе има некаква поинаква изјава што е за дневно политички цели, рече Мицкоски и додаде дека работата е многу јасна и не треба човек да е многу политички искусен.
Според премиерот, ова прашање може да се подели во два дела. Како што рече тој, преходната Влада влегла во оваа авантура мислејќи дека се што ќе им биде поставено на маса ако го потпишат, ќе добијат поддршка од надвор за да останат во Владата и тоа е многу едноставено.
– Тоа и бил мотивот на Маричиќ, на Ковачевски, претпоставувам и на Стево Пендаровски и на Бујар Османи итн… Прашањето е дали ќе останат на власт и ќе продолжат со криминалот со кој владееја или нема да бидат на власт и ќе бидат опозиција каде што се сега. Тоа биле нивните мотиви, рече Мицкоски.
Кои се мотивите на официјална Софија, тие, потенцира премиерот Мицкоски, се децениски би рекол историски, а тоа е да се создаде нов, вештачки, македонски идентитет. Нов вештачки македонски јазик којшто почива на бугарски корени.
– Нашиот мотив е сосема поинаков – Македонија, нашата заедничка на Македонците, на Албанците, на Турците, на Србите, на Власите, на Ромите, на Бошњаците, на сите граѓани во Европската Унија достоинствено. Тоа е ралзиката меѓу нас и нив, истакна премиерот Христијан Мицкоски.