Skip to main content

Мицкоски: Македонија го зајакнува својот одбранбен капацитет- набавени артилериски системи и опрема согласно НАТО стандардите

Денеска стоиме пред важен чекор на нашата држава, го зајакнуваме својот одбранбен капацитет, ја модернизираме својата армија и јасно покажуваме дека знаеме да вложуваме одговорно, стратешки и во интерес на безбедноста на своите граѓани, рече денеска премиерот Мицкоски во касарната „Мирче Ацев“.

Со гордост објавувам дека преку Министерството за одбрана успешно ги реализираше два значајни договори за набавка на нова современа воена опрема – опрема која е целосно усогласена со НАТО стандардите. Ова не е само набавка. Ова е визија за Македонија како стабилна, сигурна и подготвена членка на НАТО Алијансата. Ова е порака дека државата станува сила што застанува на свои нозе.

Во рамки на првиот договор, се набавени и веќе испорачани шест хаубици – моќни артилериски системи кои ќе го засилат капацитетот на нашата Армија. Заедно со нив е предвидена и набавка на муниција со зголемен дострел, чија испорака и исплата се планирани во текот на 2026 година.

Со вториот договор, обезбедена е набавка на опрема за хаубиците – системи за комуникација и контрола на оган кои значително ќе ја зголемат огнената моќ и прецизноста на делувањето на нашите единици.

Но оваа набавка не е изолиран случај. Таа е дел од една поширока слика. Ние градиме и придонесуваме на секое поле – во економијата, во енергетиката, во земјоделието, во здравството, во образованието и да, и во одбраната. Затоа што напредна држава не е онаа што се развива само во еден сектор, туку онаа што се издигнува во целина.

А силата на една држава се гледа токму во способноста да го заштити својот суверенитет, да го гарантира својот мир и да стои цврсто кога е предизвикана. Без безбедност, нема стабилен развој. Без силна одбрана, нема трајна стабилност.

Ова не се само бројки. Ова се живи сведоштва за новиот пристап кој го градиме – пристап во кој безбедносниот систем се развива темелно, домаќински и со јасна цел. Да обезбедиме одбранбен систем кој ќе се темели на сопствена сила и стратегија.

Нашата Армија со оваа опрема не само што ќе биде помоќна, туку и покоординирана, попрецизна и поусогласена со НАТО стандардите.

Нема повеќе импровизации, нема повеќе застарена опрема и декларативна поддршка. Има реални инвестиции, има план, има стратегија. Има волја и одговорност.

Со оваа набавка, ја градиме државата која самоуверено стои рамо до рамо со сојузниците.

Македонија која се грижи за своите војници, која ја почитува својата Армија и која знае дека силна Армија значи сигурен народ.

На сите припадници на Армијата – ви честитам.

Оваа опрема е за вас. За вашата безбедност, за вашата способност и за вашата посветеност кон татковината. А вие сте нашиот прв бедем и гордост на Македонија.

Македонија мора да успее. А ќе успее само ако е силна, самостојна и сигурна.

Ги градиме темелите на промените.

Поврзани вести