Skip to main content

Мицкоски: Ќе се бориме да има правда во судскиот систем

Република

Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека ќе се борат за да има правда во судскиот систем.

Господинот Љупчо Коцевски доби шанса и плеќа како никој негов претходник. Еве веќе петти-шести месец, иако ние имаме комотно мнозинство ако сакаме да го разрешиме од таа позиција. Ние не сме како што тоа го правеше СДСМ во 2017 година кога по секоја цена го разреши државниот јавен обвинител и на тој начин политички процеси да покрене против тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Ние одлучивме да бидеме над ситуацијата, да размислуваме надвор од политичката матрица и да дадеме шанса. Што добивме? Добивме стотици истраги и процеси и обвинители кои кога треба да стават потпис на налог за увид, за претрес, за лишување од слобода или добиваат наеднаш грозница, покачена температура, грчеви во стомак, дијареја и анксиозност или се трудат на било кој начин да го опструираат процесот. И навистина, трпението на граѓаните им е при крај, но и нашето, рече премиерот Мицкоски.

Премиерот вели дека граѓаните и забележуваат на Владата за тоа што не се спроведува правдата. Вели дека тоа некогаш е со право.

Проекти, пензии, плати, сето тоа е супер реформи, но овие што крадат уште се шетаат слободни, уживаат во скапи возила, ги гледаме на егзотични дестинации и ништо не направивте и со право ни ја кажуваат таа критика. Граѓаните треба да знаат дека во случајот сме немоќни бидејќи помеѓу нас и правдата има две институции а тоа се обвинители и судиите. Овој обвинител го избра претходното мнозинство во парламентот на СДСМ и ДУИ. Овие обвинители кои се негови потчинети се исто така избрани од тефтерчињата на две локации. И кога ќе имате една таква ситуација, тогаш единственото нешто што ви преостанува е да се борите и ќе се бориме. Досега покажавме дека во тие борби победуваме. И оваа борба ќе ја добиеме. А правдата ќе дојде, рече Мицкоски при неговата посета во во Општина Јегуновце.

Во врска со изјавата на републичкиот обвинител Љупчо Коцевски дека станува збор за само еден изолиран случај на обвинител кој поради вирус не можел да ги исполнува работните обврски, премиерот истакна дека тој што се огрешил треба да одговара пред законот.

Не треба да сме многу вешти во истрагите. Само треба да се прошетаме на неколку десетици локации и се ќе ви стане јасно како луѓе од голтари станаа милионери. На грбот на народот. Ако ништо повеќе, треба барем да им дадете фер шанса да докажат дека го стекнале тоа богатство на чесен начин. Тоа треба да се направи. Но, ние ниту тоа не можеме, бидејќи на првата станица ние сме блокирани како извршна власт. Ние не сме судска власт. Ние не сме обвинители. Не сакаме тоа да бидеме. Нема да правиме циркуси и естрада. Нема да влегуваме во домови на опозиционери со специјални полициски единици, пред очите на децата да понижуваме и омаложуваме. Ние како ВМРО-ДПМНЕ сме демохристијанска партија и така ќе се однесуваме, рече Мицкоски.

Нагласува дека тој што се огрешил пред законот, мора да го добие заслуженото без разлика од каде доаѓа и кој е.

Сега на што ќе личам јас кога сум велел дека и родена сестра да ми ако се огрешила пред законот ќе одговара, а од друга страна шести месец супер си работиме, ама нема правда. Зошто нема? Затоа што овие имаат дијареја, анксиозност, покачена температура и наеднаш грчеви во цревата, рече Мицкоски.

Поврзани вести