
Кога ја презедовме одговорноста за управување со државата, знаевме дека ќе мораме да се соочиме со еден од најголемите предизвици – да ја вратиме правдата таму каде што била протерана, да изградиме институции што не се плашат, туку делуваат. Наша обврска е да воспоставиме систем кој ќе ги штити чесните, а ќе ги изведува пред лице на правдата оние што ја краделе државата. Денес, токму тука, испраќаме јасна порака – тоа време дојде. Сериозен е податокот што од 1 септември 2024 до 10 јуни 2025 година, Финансиската полиција поднела 36 кривични пријави, со кои е откриена штета или е утврдена и противправна имотна корист во висина од речиси 30 милиони евра. Овие пари се на граѓаните, и ова е пример како се штити имиџот на државата, истакна денес премиерот Христијан Мицкоски на одбележување на 22-годишнина од формирање на Управата на финансиската полиција.
Не заборавајте дека ние треба да служиме на граѓаните и на интересите на Македонија. Непристрасно, енергично и имаме мисија да ја преобразиме државата и да создаваме иднина каква заслужуваат граѓаните. Овие пријави не се обични бројки – зад нив се кријат конкретни злоупотреби и поединци кои мислеле дека државата е нивен имот. И во таа битка за правда нема партиска припадност нема етничка припадност. Правдата е слепа, но достижна. И овие бројки се најсилен доказ дека државата се буди и дејствува. Нема веќе недопирливи. Нема веќе молк. Ова е ново време на одговорност. Да не се заборави дека борбата против криминалот не е борба на една институција. Тоа е борба за душата на државата, за заедничката иднина. Каква иднина ќе оставиме за нашите деца, зависи од тоа сега што ќе го направиме. А Македонија е уморна од чекање и нема втора шанса, ова всушност е последната шанса. Ние не градиме само економија и патишта – ние градиме правда. Ние не зборуваме само за развој – ние зборуваме за ослободување од стравот, од неказнивоста, од мафијата во клучните сектори, рече Мицкоски,
Премиерот истакна дека на сите кои ја злоупотребиле довербата им порачува: Ќе одговарате.

На сите кои чесно работат во институциите – им порачуваме: Продолжете храбро. Вие сте чувари на државата. И на граѓаните – да знаете: Оваа Влада стои зад вас. Не зад криминалците. Не зад тајкуните. Туку зад секој човек што верува во правда. Како што рекол Џон Кенеди: „Корупцијата е најголемиот непријател на демократијата. Таа ја руши довербата и ја труе надежта.“ Ние сме тука да ја вратиме и довербата – и надежта. Тоа што Управата за финансиска полиција за 9 месеци откри криминали од 30 милиони евра е доказ дека за решеноста да расчистуваме со криминалот, и чекор напред дека ги градиме темелите на промените. Нема назад. Македонија оди напред – како држава на ред, правда и одговорност, рече премиерот.