
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција рече дека граѓаните во моментов не бараат предвремени парламентарни избори, туку очекуваат продолжување на реформите и на процесите што ги спроведува актуелната Влада.
Одговарајќи на новинарско прашање за можноста за предвремени избори, Мицкоски посочи дека коалицијата што ја предводи има четиригодишен мандат добиен од граѓаните.
„Граѓаните не сакаат избори, граѓаните сакаат реформи и континуитет на процесите што ги води оваа Влада“, рече Мицкоски, повторувајќи ја и споредбата „три спрема еден“ во однос на, како што наведе, перформансите на актуелната и претходната Влада.
Сепак, тој порача дека доколку опозицијата смета дека треба да има предвремени избори, власта е подготвена да се соочи со таков предизвик.
„Ние како коалиција имаме добиено легитимитет од граѓаните да бидеме Влада четири години. Но, доколку опозицијата мисли дека се потребни предвремени избори, ние како кукавици нема да седиме на страна, туку ќе одговориме на тоа барање позитивно и, се разбира, дека ќе ги победиме“, изјави Мицкоски.

Македонски


