Skip to main content

Мицкоски: 80 години од ДЗС не се само историја, тие се традиција на професионализам

Со посебна чест и чувство на одговорност, денес го одбележуваме големиот јубилеј – осум децении од основањето на Државниот завод за статистика, рече денеска Премиерот Мицкоски во своето обраќање на свеченоста по повод 80 години ДЗС.

Овие 80 години не се само историја – тие се традиција на професионализам, кредибилитет и јавна служба, кои претставуваат темел на демократскиот и институционален развој на нашата држава.

Во едно современо и транспарентно општество, статистиката претставува огледало на реалноста.

Таа е алатка за анализа, основа за планирање, и патоказ за креирање ефективни и одговорни јавни политики. Преку точни, сигурни и навремени податоци, институциите можат да носат одлуки што одговараат на вистинските потреби на граѓаните.

Статистиката овозможува граѓанска вклученост, јавна отчетност и социјален дијалог. Без квалитетни и независни податоци – нема ниту квалитетна демократија.

Денес можеме со гордост да констатираме дека македонската статистика е во голем дел усогласена со европската статистичка практика и со меѓународните стандарди.

Податоците произведени од Државниот завод за статистика се официјални, висококвалитетни и меѓународно споредливи – што ја издвојува оваа институција како клучен извор на информации во Македонија.

Преку својата работа, Заводот овозможува нашата држава да биде видлива и препознатлива во европските и глобалните статистички системи, преку објавување на податоци во меѓународни бази и публикации.

Владата континуирано ја поддржува статистиката – и тоа не само како административна функција, туку како стратешки ресурс за развој и напредок.

Преку усвојување на Националната стратегија за развој на статистичкиот систем, преку финансиска стабилност, вложување во ИТ инфраструктура, човечки ресурси, како и преку соработка со европските институции, ние создаваме услови Државниот завод за статистика да остане независен, модерен и професионален.

Оваа институција има особено значење и во процесот на преговори со Европската Унија, каде статистиката е клучна за мерење на напредокот и за оценка на реформските процеси.

Како Влада, ќе продолжиме да ја поддржуваме статистиката – затоа што точните податоци значат подобри политики, а подобрите политики значат подобар живот за граѓаните.

Вашиот труд можеби не секогаш е во фокусот на јавноста, но тој е незаменлив.

Благодарение на вашата посветеност, методолошка точност и институционална одговорност, нашата земја има статистика што е почитувана дома и призната надвор.

На сите генерации што работеа и работат во оваа институција им искажувам од името на Владата голема благодарност!

Предизвиците што доаѓаат се нови – дигитализација, вештачка интелигенција, нови извори на податоци.

Но, сигурен сум дека со знаењето, капацитетот и поддршката што ја имате, Државниот завод за статистика ќе продолжи да биде столб на вистината, објективноста и прогресот.

Нека е честит јубилејот – 80 години од постоењето на Државниот завод за статистика!

Ви посакувам уште многу години успех, интегритет и придонес за напредокот на нашата Македонија.

Поврзани вести