
Пратеникот Амар Мециновиќ денеска изјави дека партијата Левица ќе учествува на најавената меѓупартиска лидерска средба што ја иницираше премиерот Христијан Мицкоски.
На прес-конференција, Мециновиќ истакна дека како парламентарна партија, Левица подолг период се обидува да воспостави комуникација со власта преку законски предлози и повици за консензус за клучни државни прашања, оценувајќи дека токму сега постои можност за суштински и конструктивен дијалог.
Тој нагласи дека приоритет за Левица е обезбедување демократска и фер атмосфера во изборниот процес, а токму во таа насока ќе бидат формулирани и барањата на партијата на лидерската средба.
Иницијативата за средбата доаѓа од премиерот Мицкоски, кој најави отворање разговори за укинување на таканаречената „Пржинска влада“, модел воведен пред десетина години, како и за други системски прашања. Од Владата претходно информираа дека поканите се во фаза на испраќање и дека ќе бидат доставени до сите партии со пратеничка група во Собранието.
Премиерот најави дека средбата е закажана за 14 јануари и ќе се одржи во Клубот на пратениците.
Во меѓувреме, иницијативата предизвика различни реакции во политичкиот блок. СДСМ соопшти дека нема да учествува на средбата, а партискиот лидер Венко Филипче изјави дека „средба со криминалци нема да има“. Од ДУИ, пак, најавија дека ќе го соопштат својот став откако официјално ќе ја добијат поканата.
Левица повтори дека ја поддржува идејата за укинување на техничката влада, но под услов тоа да биде проследено со реални демократски реформи, а не само декларативни промени. Меѓу нивните барања е и воведување една изборна единица, за која партијата смета дека би обезбедила пофер и порепрезентативен изборен систем.

Македонски




