Skip to main content

ЛДП: Преку измени на Законот за основно образование до вработување на неопределено време за сите образовни асистенти

Либерално-демократската партија (ЛДП) во наредниот период ќе предложи измени на Законот за основно образование со цел вработување на образовните асистенти за децата со попреченост на неопределено работно време.

Околу 1300 ученици со попреченост во земјата наставата во основното образование ја следат со поддршка од образовна асистенција. Затоа, Министерството за образование и наука секоја година, преку петте основни училишта со ресурсен центар, вработува околу 1000 образовни асистенити кои имаат завршено високо образовани од областа на педагошките науки. Овие образовни асистенти се вработуваат на определено време до крајот на училишната година, а пред почетокот на наредната училишна година се објавуваат нови огласи. Ваквиот начин на ангажирање на овој многу потребен кадар во училиштата предизвикува низа проблеми, како што се случи и оваа учебна година, кога децата со попреченост не беа во можност да ја започнат навремено училишната година поради прекинатите договори на образовните асистенти. Понатаму, во текот на училишната година често се случува некои од образовните асистенти да ја напуштат работата поради нерешен статус, што влијае негативно на децата, кои веќе се навикнале на својот асистент.

За трајно решавање на овој проблем, ЛДП ќе предложи амандман за измени на Членот 10 од Предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за основно образование, со кој се дефинираат измените на член 19 став 7, кој ќе гласи „Образовните асистенти се вработуваат на определено или неопределене време во основните училишта со ресурсен центар. Средствата за образовните асистенти се обезбедуваат од Буџетот на Министерството“.

На овој начин ќе се овозможи образовните асистенти кои се истакнале во својата работа да се вработат на неопределено време, со што ќе се зголеми мотивацијата на истите и ќе се подобри квалитетот на услугите кои ги даваат, истовремено намалувајќи го оптоварувањето на основните училишта со ресурсен центар, кои секоја година во летниот период објавуваат огласи за вработување на повеќе од 200 образовни асистенти.

ЛДП како и досега, продолжува да се залага за квалитетно и инклузивно образование за сите ученици, без разлика на нивната вера, националност, етникум или пак физичко ограничување и во таа насока ќе продолжи да доставува предлози за подобрување на законските решенија од оваа проблематика.

Поврзани вести