Skip to main content

Kомисијата за прашања на изборитe и именувањата изгласа Предлог-одлука за именување на нови членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки

Комисијата за прашања на изборите и именувањата на 22 седница изгласа утврдување Предлог – одлука за именување на нови членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки и за разрешување на досегашниот состав на Агенцијата за пошти.

Ѓорѓија Сајкоски, претседателот на комисијата кажа дека до собранието по објавениот конкурс, пристигнале 43 кандидатури и нив ги разгледала посебна комисија, по што биле изготвени и доставени резимеа на сите кандидати.

Комисијата со мнозинство гласови ги избра и предложи за избор кандидатите за членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки: Наташа Јовановска – Милошевиќ, Маја Малахова, Савка Нејковска-Тасева, Вене Тасев и Јован Трпевски, сите правници со положен правосуден испит.

На оваа точка претходеше дебата и усогласување со процедурални забелешки. Непосредно пред гласањето, членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата од опозицијата (европски фронт) ја напуштија 22. седница. Пратеничката Арбана Пашоли ваквата одлука ја оправда со неприфаќањето на предлогот за одложување на седницата. Таа во процедуралните забелешки напомена дека материјалите не им биле навремено доставени и не можело да се има целосен увид, бидејќи како што кажа некои од документите не биле комплетирани.

По дискусиите меѓу пратениците, Пашоли побара да се гласа за одложување на седницата, а претседателот Ѓорѓија Сајкоски ја стави на гласање. Предлогот не беше прифатен со мнозинство (осум гласа против и четири за).

По ова, комисијата продолжи да расправа по утврдениот дневен ред за расправаше Утврдување Предлог – одлука за разрешување на членовите на Агенцијата за пошти. Во дискусијата беше кажано дека според последниот заклучок на собранието, Агенцијата за пошти не ги реализирала активностите за подобрување на квалитетот на услугите и не ги постигнала очекуваните резултати. Според ова, комисијата предложи разрешување на сите членови во комисијата Агенцијата за пошти (Ѓорѓи Михајлов, Андреј Јосифоски, Владимир Кировски и Борче Груевски), а на членот Суад Бајрами мандатот му истекол 15 јануари.

Останатите точки: Утврдување Предлог – одлука за именување на член на Комисијата за заштита на конкуренцијата и Утврдување Предлог за избор на член на Советот на јавните обвинители на Република Македонија се одложија за некоја наредна седница по барање на пратеникот Ријад Шаќири

Одложена беше и точката за Утврдување Предлог – одлука за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“. Во образложението, претседателот на комисијата Ѓорѓија Сајкоски кажа дека од министерството за култура не биле доставени потребни материјали и предлози и за оваа точка да се расправа кога ќе бидат исполнети условите.