Skip to main content
ЛИЧНОСТ НА НЕДЕЛАТА

Кој е Артан Ајрули и фирмите преку чии тендери се крадело од Лотарија

Управата за финансиска полиција вчера поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против неколку лица и правни субјекти за злоупотреба на службена положба и овластување, како и за злоупотреба на постапката за јавни набавки во врска со случајот „Државна лотарија“. Според пријавата, буџетот бил оштетен за над 22 милиони денари.

Ова е втора кривична пријава за криминалии во „Државна лотарија“, а прва во која се споменува името:

Артан Ајрули

Првпат името Артан Ајрули и неговата фирма „Ритрон копи“ во јавноста се споменуваат во 2023 година.

Тогаш опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Вреди предупредуваат за сомнителни тендери кои се доделуваат на лица и фирми блиски до ДУИ, дали партиски или семејно блиски.

Па, така, во ноември 2023 година Државна лотарија склучува договор со компанијата „АП Солутионс“, тежок 204.825 евра за купување на апарати за коцкање.

Првиот сомнеж за компанијата е што од основањето во јануари 2018 година до 2023, била заведена под името „Друштво за проектирање, дизајн, градежништво, трговија и услуги ФДЕСТАНИ АРХИТЕКТ ДООЕЛ увоз-извоз с.Лојане Липково“, со регистрирана дејност во архитектурата, односно дејност далеку од апарати за коцкање или компјутерска опрема.

На 19 април 2023 година, се променува сопственикот, името и адресата на компанијата. Сопственикот Фатбард Дестани доставил понуда до Фљамур Невзатовски за преземање на нејзиниот основачки влог. Истиот ден, тој е прифатен и преземен од Фљамур Невзатовски, кој тогаш има 19 години. Веќе од 25 април, станува единствен основач и управник на „АП Солутионс“, а седиштето на компанијата сега е во скопски Аеродром.

Според информациите до кои тогаш дојде истражувачкиот тим на „Радио слободна Европа“, а се потврдија и преку податоците на Фејсбук профилот на Невзатовски – тој бил вработен во „Ритрон копи“ на Ајрули.

За работите да бидат поматни, „Ритрон копи“ била единствената конкуренција на „АП Солутионс“ во борбата за овој тендер.

РСЕ телефонски се обрати до компанијата „Ритрон копи“ барајќи да разговара со сопственикот Артан Ајрули. Воедно, прашавме и дали лицето Фљамур Невзатовски работи во нивната компанија. Од компанијата ни посочија дека газдата е на пат во странство и прашањата ги испративме на нивниот официјален мејл.

Неполни 20 минути по телефонската и електронската комуникација со „Ритрон копи“, Невзатовски го промени идентитетот на социјалната мрежа – наместо името Фламур Невзади, како што беше претходно, стави ново име и презиме (Сано Манјиро), друга фотографија и го „заклучи“ профилот за оние кои не му се пријатели, пишува тогаш РСЕ.

Фејсбук профилот на Фљамур Невзатовски пред и по контактирањето од новинарите на РСЕ
Фејсбук профилот на Фљамур Невзатовски пред и по контактирањето од новинарите на РСЕ

Од јануари 2022 година, период кога Перпарим Бајрами ја презема раководната позиција како генерален директор во акционерското друштво, „Државна лотарија“ , компанијата „Ритрон копи“ се појавува како победник на тендери во акционерското друштво.

Бирото за јавни набавки покажува дека Државна лотарија склучила шест договори со оваа компанија за набавка на телевизори, компјутерска и комуникациска опрема, мултифункциски уреди и графички станици за ТВ извлекување. Договорите се склучени во период од јуни 2022 до средината на октомври 2023 година. Нивната вредност изнесува 22.463.034 денари или 365.252 евра.

Дека Бајрами и Ајрули се познаваат, ако некому досега не му беше јасно, се гледа и на фотографии од фејсбук-страницата на „Ритрон копи“ од 2016 година.

Откако сомнителните зделки водени преку Лотарија почнаа подлабоко да се истражуваат, од Коалицијата „Вреди“ неодамна објавија дека фирмата на Ајрули „Ритрон копи ДООЕЛ“ е тесно поврзана со пратеникот на Европскиот фронт, Елми Азири.

Артан Ајрули фигурира како сопственик на фирмата „Ритрон Копи“ ДООЕЛ увоз-извоз Куманово, кој е внук на сопругата на Елми Азири. Оваа фирма во текот на 2022 година, во само три месеци има добиено две јавни набавки во Државна лотарија, каде директор беше Прпарин Бајрами, десна рака на Артан Груби, рече Бујаре Абази.

Според она што е познато, Ајрули во период од 17 месеци, само од Државната лотарија, во времето на Перпарим Бајрами добил 402,261 илјади евра за реализирани шест јавни набавки. Сите се за набавка на техничка опрема како телевизори, компјутери, лап-топ, УПС, графичка станица и друго.

Но тоа не е се. Сè до изборите, компанијата „Ритрон копи“ добивала тендери и од Министерството за политички систем и односи со заедниците, со кое владееше Артан Груби. За набавка на информатичка опрема, министерството исплатило 24.390 илјади евра. Вкупно компанијата Ритрон Копи од Куманово од Министерството за политички систем добило 67.904 илјади евра.

Ајрули од вчера е уапсен. Артан Груби и Перпарим Бајрами се во бегство.

Според обвинението на Финансиска полиција, првопријавениот П. Б. во својство на Претседател на Управниот одбор – Генерален директор на АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на РС Македонија ја злоупотребил службената положба и овластување на начин што во период од 2022 до 2024 година ги пречекорил границите на своите службени овластувања и со свој потпис одобрил исплата на фактури со невистинита содржина за набавка на употребувани телевизори, принтери, компјутерска и комуникациска опрема, кои фактури биле изготвени од второпријавениот А. А. во својство на сопственик и управител на петтопријавениот правен субјект ДПТУ РИТРОН КОПИ ДООЕЛ Куманово, иако истите биле свесни дека наведените телевизори, принтери, компјутерска и комуникациска опрема во фактурите не биле испорачани согласно предвидените модели во склучените договори за јавни набавки со АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на РС Македонија и на тој начин му овозможиле на второпријавениот А. А. и петтопријавениот правен субјект ДПТУ РИТРОН КОПИ ДООЕЛ Куманово да се стекнат со противправна имотна корист во вредност од 3.102.015,00 денари, што претставува штета на Буџетот на АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на РС Македонија.

Второпријавениот А. А. во својство на сопственик и управител на петтопријавениот правен субјект ДПТУ РИТРОН КОПИ ДООЕЛ Куманово заедно со првопријавениот П. Б, во период од 2022 до 2024 година, ги повредиле прописите на постапката за доделување на договор за јавна набавка на начин што користејќи ги блиските пријателски односи однапред ги прилагодиле техничките спецификации за набавка на телевизори со цел да се осигураат дека за најповолен понудувач ќе биде избран петтопријавениот правен субјект ДПТУ РИТРОН КОПИ ДООЕЛ Куманово и се договориле какви типови, модели и количина на телевизори ќе се нарачуваат по основ на јавните набавки објавени од страна на Државна лотарија пред воопшто да бидат објавени постапките за јавни набавки. Второпријавениот А. А. тие информации ги искористил за однапред да изврши увоз на типови и модели на употребувани телевизори по договорените количини, со што бил доведен во поповолна положба во однос на сите други понудувачи во спроведените постапки за јавни набавки и тоа со број на оглас 15018/2022, 05226/2023 и 13530/2023 на телевизори за инсталација на електронски игри, со што првопријавениот П.Б му овозможил на второпријавениот А. А и петтопријавениот правен субјект ДПТУ РИТРОН КОПИ ДООЕЛ Куманово да се стекнат со противправна имотна корист по три склучени договори за јавни набавки на телевизори во вкупна вредност од 12.980.000,00 денари.

Поврзани вести