
Во отсуство на политички резултати, јасна стратегија и кредибилна опозициска алтернатива, СДСМ сè поотворено ја демонстрира својата внатрешна немоќ преку напади кон сопствените редови. Наместо сериозна дебата за причините за изборните порази и драматичниот пад на довербата кај гласачите, раководството избра да удри по сите што јавно се спротивставуваат на политиката што ја води партискиот врв.
Реакцијата на СДСМ на критиките од поранешни функционери, наместо да биде обид за дијалог или барем политички одговор, се претвори во отворена кампања на дисквалификации, сомнежи и етикетирања. Секој што ќе се осмели да каже дека партијата е во криза, дека резултатите се катастрофални и дека раководството ја загубило врската со членството, веднаш се прогласува за „предавник“, „купен“, „уценет“ или дел од некакво надворешно сценарио.
Критиките на Петре Шилегов, кој јавно зборуваше за сериозниот пад на поддршката на СДСМ, за маргинализацијата на партијата во Скопје и за отсуството на комуникација меѓу раководството и сопствените пратеници, беа дочекани не со аргументи, туку со лични напади и инсинуации. Наместо политички одговор на прашањето зошто СДСМ од водечка партија се сведе на околу 100 илјади гласови и симболично присуство во институциите, партијата реши да го проблематизира карактерот и мотивите на критичарот.
Истата матрица се повторува и во однос на Јован Деспотовски. Наместо јасна партиска позиција и одговор на забелешките за начинот на водење на СДСМ, јавноста доби соопштение полно со обвинувања, повикување на постапки во тек и директно поврзување на внатрепартиската критика со надворешни центри на моќ. Таквиот пристап остава впечаток дека секоја различна мисла во СДСМ е автоматски третирана како закана, а не како можност за корекција.
Особено загрижувачко е што раководството на СДСМ, во обид да ја оправда сопствената позиција, гради наратив во кој партијата е опкружена со непријатели од сите страни – од опозициските партии, преку медиумите, па сè до сопствените поранешни и актуелни членови. Во таков амбиент, вината секогаш е надвор, а одговорноста никогаш не е внатре.
Ова однесување не изгледа како борба против политички противници, туку како очајнички обид за задушување на секоја внатрешна критика. Наместо соочување со реалноста дека политиката што ја води актуелното раководство не дава резултати, СДСМ избира да ги навредува и дискредитира оние што некогаш ја градеа партијата и денес јавно укажуваат на нејзиниот пад.
На тој начин, СДСМ не само што не се консолидира, туку дополнително се разградува одвнатре. Партија што ги напаѓа своите поранешни функционери, сопствени членови и гласни критичари, наместо да ги слушне, испраќа јасна порака: во СДСМ денес не се казнува поразот, туку критиката. А тоа е сигурен пат кон уште подлабока маргинализација.

Македонски




