Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски во изјава за МИА вели дека од УКРО информирани се за недостатокот на одреден број лекови, откако пациенти на Клиниката за радиотерапија и онкологија алармираа дека нема биолошка терапија.
Според информациите од Клиниката, тоа е поради несоодветното планирање во 2024 година, премин од 2024 во 2025 годинa и зголемен број на пациенти во декември. Фондот во 2024 година за УКРО одобри дополнителни пет милиони евра. Фондот работи на договор на зголемен буџет за 2025 година. И покрај напорите за зголемување на финансиите, УКРО треба да има јасни и транспарентни критериуми за вклучување на пациентите на посебните терапии. Треба да се воведе регистар на пациенти и други подобрувања за соодветно планирање и следење – подвлекува Клековски за МИА.
Како што информираа за МИА дел од пациентите на Онкологија, во моментов нема биолошка терапија, односно лековите „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“. Тие стравуваат дека за брзо време може да ги снема и „trastuzumab emtansine (kadcyla)“, „nivolumab“, „cobimetinib“ и „vemurafenib“.