
Светот се наоѓа во период на голема геополитичка нестабилност и длабоки историски промени, во кој меѓународните организации, особено ОБСЕ, мора да ја докажат својата корисност преку одржување на дијалогот и соочување со несогласувањата меѓу државите, порача швајцарскиот министер за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Ињацио Касис, одговарајќи на новинарско прашање за глобалната безбедност на денешната заедничка прес-конференција во Скопје со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Касис нагласи дека меѓународната заедница се соочува со длабоки промени во глобалните односи.
Во овој момент на голема геополитичка кревкост, размислувам и за големата сила на САД, каде што внатрешните демократски движења природно создаваат неизвесност во однос на иднината. Но, треба да размислуваме и за курсот на Русија, за долгорочната логика и тактика на Кина. Соочени сме со големи промени, со епохални промени. Не сакам да навлегувам во пофилософска расправа за актуелната политика, но сигурно е дека се наоѓаме во историски период на исклучително длабоки промени, речиси 80 години по Втората светска војна – истакна Касис.
Тој нагласи дека ваквиот развој на настаните претставува сериозен предизвик за организации како ОБСЕ, кои мора да покажат дека можат да придонесат за решавање на проблемите, а не само да бидат место за размена на мислења за прашања за кои државите веќе имаат согласност.
За организации како ОБСЕ ова е моментот кога треба да бидат корисни. Лесно е да се биде организација во која се разговара за убави работи и за кои сите се согласуваат. Многу потешко е да се биде организација што треба да се соочи со длабоки несогласувања во толкувањето на реалноста и во однос на иднината што треба да им се обезбеди на земјите – рече шефот на швајцарската дипломатија.
Касис упати апел до државите да ја преземат одговорноста за одржување на дијалогот, посочувајќи дека токму тоа е една од основните задачи на ОБСЕ, вклучително и во односите меѓу Русија и Украина. Тој потсети дека обезбедувањето дијалог меѓу двете земји било дел од мисијата на Швајцарија за време на нејзиното претседавање со Организацијата оваа година.
За жал, дијалогот не е лесно да се постигне. Не е тешко само затоа што Русија очигледно не е блиску до компромис, туку и затоа што ниту другата страна не е блиску до компромис, нагласи тој и додаде дека треба да се вложат сите напори за пронаоѓање дипломатско решение, кое ќе се стави крај на војната – истакна Касис.
Во однос на улогата на големите сили во новите меѓународни односи, тој оцени дека САД историски имале значајна улога и дека можат да продолжат да ја имаат, со оглед на тоа што се голема светска сила.
Касис додаде дека новиот светски поредок создава бројни проблеми и предизвици, вклучително и во економската сфера.

Македонски




