
Во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски и амбасадорката на САД, Анџела Агелер, денеска во касарната „Јане Сандански“ во Штип беа промовирани новите 29 JLTV оклопни возила, со што бројот на овој тип на возила кои ги поседува Армијата се зголеми на 67.

Како претседател на Владата, секогаш еден од моите врвни приоритети била безбедноста на државата, за чување на мирот, стабилноста на државата, бидејќи тоа се основните услови за да можеме да развиваме општество коешто ќе напредува и општество коешто ќе нуди иднина за сите граѓани, нераскинлива алка се разбира од овие амбиции е и македонската Армија”, рече премиерот Мицкоски.

Денеска, додаде тој, присуствуваме на овој настан којшто е продолжение би рекол на настанот што се случи пред една година за којшто зборуваше почитуваната амбасадорка на САД и јас сум навистина горд што ете полека но сигурно се доекипираме, се комплетираме и ја јакнеме македонската Армија. Тука нема да застанеме, ќе продолжиме и понатаму, порача премиерот.

Министерот Мисајловски истакна дека одбранбените капацитети на Армијата продолжуваат да се зголемуваат и зајакнуваат и дека во соработка со САД и програмите преку кои се вршат набавките за модернизација на македонската Армија, бројот на лесни оклопни возила се зголеми речиси за двојно.

Нови 29 оклопни возила кои се набавени преку договорот Влада со Влада веќе се дел од Армијата. Со оваа нова достава, се приближуваме до потребниот бројот на возила, а дополнително, очекуваме во скоро време да ни пристигнат и дел од оклопните возила STRYKER кои исто така се од американско производство”, истакна Мисајловски и додаде дека возилата се предвидени за Лесната пешадиска баталјонска група, нашата декларирана единица која ќе биде подготвена за упатување и мисии во случај на потреба.

Министерот информираше дека потпишани се и 7 нови договори со САД, проекти кои се во процес на реализација, а се однесуваат на набавка на опрема за специјални сили, набавка на беспилотни системи, опрема за сајбер заштита, лесно пешадиско вооружување, средства за лична заштита и Комплет за контрола на здружен оган.

Амбасадорката Агелер подвлече дека овие лесни оклопни возила преставуваат олицетворение на постојаната поддршка на САД на Македонија и нејзините одбранбени способности, а се и еден “силен и моќен симбол на вашиот напредок кон постигнување на модернизирана војска која што ќе биде опремена и подготвена да се соочи со потребите и барањата на денешната комплексна безбедносна средина.”
